Екстерни писма на читатели

Сезоната на екстерни тестирања заврши и како по обичај имаше милион ретардирани прашања за кои би можеле да пишуваме, ама јас сакам да споделам нешто што е според мене многу пострашно.

Како родител на две деца од основно училиште, и мене ме фати таксират, па јас бев асистент спремач на екстерно по предметите Природни науки за 5 и за 6 одделение.
Од сите глупости, морам да ги издвојам следните.

Прашање 1: Која планета во сончевиот систем има најмногу сателити?
Одговор за 5 одделение: Сатурн
Одговор за 6 одделение: Јупитер

Да, знам, WTF!!!!!

Ти праќам слики од лекциите во двата учебници. Во едниот пишува дека најмногу сателити има Сатурн (23), па Јупитер (16), а пишува дека Меркур и Венера немаат сателити. Во другиот пишува дека Јупитер има 63, Сатурн има 60 сателити, и на крај вели дека Венера нема сателити.

Што се случило? Дали во времето меѓу двата учебника дошле сателити однекаде или пак се изгубиле? Не разговараме за некоја битка, па според некој победникот бил херој, според друг поробувач, па зависи од кого се чита книгата. Овде треба да се земат и да се ИЗБРОЈАТ сателитите. 1, 2, 3... Или и фраериве што пишуваат учебници изворите ги бараат од интернет, па некој налетал на onion.com како фраерот од Фифа на кој му се смееше цел свет.

Не знам кој ги пишувал учебниците, ама после тој има РЕЦЕНЗЕНТИ, па ред други кои треба да го ПРОВЕРАТ и ОДОБРАТ учебникот пред да го дадат на иднината на нашата земја.

Прашање 2: Кои планети немаат сателити?

Ако внимателно го читавте претходниот дел, ќе приметите дека во 5 одд. пишува дека Меркур и Венера немаат сателити, а во 6 одд. Меркур го нема никаде. Овде нема конфликт, ама некој заборавил да спомне цела една планета од 8. Мислам дека многу ќе му дошло да ги напише сите за неговиот ментален капацитет. Сепак, не знам дали ако во 6 одд. ја пишеме само Венера ќе биде точно или не.

Прашање 3: Од што се составени кометите?
Одговор 5 одделение: Во облик на гасовити топки.
Одговор 6 одделение: Во најголемиот дел од мраз.

Да бидам 100% прецизен, во 5 одд. прашањето е кои небески тела се во облик на гасовити топки, а одговорот е кометите.

Не знам дали ликот што го пишувал учебникот ги видел скиките од кометата Розета на која слета сонда. Тоа личи на се, само не на топка. Башка, во дефиницијата на ѕвездите пишува дека тие се создадени од топки од гасови (додуше вжештени). Дали кометите се потенцијални мини ѕвезди?!?

Прашање 4: Во кој слој се јавува озонската обвивка?
5 Одд. На страна 124, е во стратосферата. На страна 125 е во јоносферата.
Ве молам одлучете се!!!. (проверив на интернет, се наоѓа во стратосферата, ако сте љубопитни)

Прашање 5: Колку слоеви има атмосферата?
Одговор 5 одделение: 4 (тропосфера, стратосфера, јоносфера и егзосфера).
Одговор 6 одделение: 5 (тропосфера, стратосфера, мезосфера, јоносфера и егзосфера).

Во меѓувреме од 5 до 6 одделение се појавил уште еден слој во атмосферата, или помалите деца не се психички зрели да го примат постоењето на мезосфера (можеби ќе им направи пречки со спиење или слично).

Има уште наколку промени, како на пример единица со која се мери температурата (одговор во 5 е Целзиусови степени, а во 6 Келвини).

Зборуваме за ПРИРОДНИ НАУКИ. Тука се работи за ФАКТИ, а не за лупетање глупости. Ги молам авторите на учебниците, односно министерот за образование како крајно одговорен да ме поучи што да им кажам и како да им објаснам на моите деца кога ќе ме прашаат како може да се смени бројот на сателити, или слоеви во атмосферата. Или се сигурни дека пошто учебниците се таков крш, децата во шесто воопшто нема да се сеќаваат дека истото го учеле во петто, па и тоа ќе го набубаат да им трае 5-6 дена, па ќе им испари? За сега највалидно објаснување добив од жена ми: „морониве не сањале дека на твоите деца на двете ќе им се падне ист предмет и дека ти ќе ги спремаш двајцата па ќе ти биде свежо".

Поздрав,
Виктор.

--------

9 јуни 2015 - 16:28