Сите Спајдермен-парови биле во врска, иако на сите им рекле „Не“

Том Холанд и Зендаја им се опсесија на сите медиуми што се бават со животот на славните, и неодамна ја потврдија нивната врска. Она што не се знаеше е дека продуцентката Ејми Паскал ги предупредила ако може да не се „фаќаат“.

Во едно интервју за Њујорк Тајмс, Паскал сподели дека се обидела да ги разубеди Зендаја и Холанд кои ги глумат Мери Џејн и Питер Паркер во последната трилогија. И очигледно неуспешно, исто како и советот што им го поделиле на Ендру Гарфилд и Ема Стоун, кои долго беа во врска после истите улоги. Заедно беа, иако кратко, и Тоби Мекгваер и Кирстен Данст после нивните Питер Паркер и Мери Џејн, што го загрижило режисерот Сем Раими, иако подоцна признал дека не било страшно кога раскинале и не влијаело на филмската хемија.

Сепак, Ејми Паскал смета дека најдобро е ѕвездите на филм да не мешаат работа и задоволство.

„Ги тргнав Том и Зендаја на страна, одвоено, кога прв пат ги ангажиравме и им одржав предавање. Немојте. Пробајте да не. Истиот совет им го дадов на Ендру и Ема. Тоа може да ги закомплицира работите. И сите ме изигнорираа.“

Гарфилд и Стоун беа заедно од 2010 до 2015, па се разделија, ама нејасно е колку време се Зендаја и Холанд заедно. Летово ги фотографираа папараци, а Холанд подоцна зборуваше за тоа во интервју за ЏиКју:

„Една од негативните страни на славата е што приватноста веќе не е под наша контрола и еден момент што мислиш дека е само меѓу двајца што се сакаат е сега момент споделен со целиот свет,“ рече Холанд. „Секогаш сум бил решен да го држам мојот приватен живот на страна, затоа што и онака во голема мера го делам со светот… Некако се почувствувавме како да ни е украдена приватноста.“

Останува прашањето дали на „Спајдермен“ му е проблем дали ќе се засакаат, па ќе раскинат главните улоги, или фактот што има 9 филма (од поново време) во три различни трилогии?

19 декември 2021 - 23:50