На Хелен Филдинг не ѝ се верува колку сексизам има во светот на Бриџит Џонс

А сама си ја напиша.

После 25 години, жената што ја создаде новинарката што никако да најде љубов и цело време се мачи со диети, е шокирана од сите шеги на сметка газ и цицки упатени кон хероината на работно место - искуства што ги имала и во реалниот живот.

Вели дека во денешно време не би можела да ја напише приказната - неодамна го гледала филмот направен по нејзината прва книга со децата и била запрепастена.

„Нивото на сексизам со кое се соочува Бриџит, раката ставена на задникот во толку многу сцени, ме шокира со оглед на тоа колку се сменети работите оттогаш,“ изјавува Филдинг пред Лорен Лаверн, водителка на Дезерт Ајленд Дискс. Додава и дека особено ја изненадила сцената во која шефот на Бриџит бара „слика од цицки“.

Хероината, која ја играше Рене Зелвегер, сепак не е пасивен лик, па е задоволна што на крај „на сите им го спопикала“.

Филдинг која учествуваше во пишувањето на сценариото, заедно со Ричард Куртис и Ендру Дејвис, вели дека е задоволна и благодарна на Бриџит Џонс, и среќна е дека млади девојки сѐ уште уживаат во книгата, базирана на нејзините колумни од ’90-тите.

Открива и дека многу нејзини бивши дечковци и соработници веруваат дека се инспирација за машките ликови кои ги играа Хју Грант и Колин Фирт.

„Неверојатно е колку луѓе тврдат дека токму тие се Даниел или Марк,“ вели Филдинг. Успехот според нејзе лежи во фактот што „главно комедијата потекнува од мрачни работи, а беше тешко да се биде сингл девојка - и сѐ уште е.“

На Лаверн ѝ кажува и дека феминистичката критика на нејзиниот „дефетистички поглед на женскоста“ ја вознемирува, но и дека нејзината хероина е во внатрешен конфликт. „Во тоа време, Бриџит рече дека феминизмот со големо Ф ѝ е јака страна. Она што е сега добро за феминизмот е што на некој начин, го има изгубено тоа големо Ф.“

6 јули 2020 - 12:04