Максим де ла Фалез: И шифрер и муза

Максин Бирли (1922-2009), подоцна позната како Максим де ла Фалез била елегантна жена, популарна во општеството, мајка, воен шифрер, автор на книги за рецепти, колумнист, муза, актерка и манекенка. Каков спој!

Ја нарекувале единствената вистински шик Англичанка, а се паметат и нејзините афери со богатите и славните, како и нејзините креативни деца и внуци.

Родена е во пребогато аристократско семејство во западен Сасекс, со родители сликари и како да била предодредена за успех. Се омажила за францускиот аристократ Алан Ле Бали де ла Фалез во 1946 и го сменила името во Максим. За време на Втората светска војна, работела како шифрер во Бакингемшајр, но развила клептоманија и ја процениле за премногу болна за да продолжи понатаму.

Во 1950-те, станала модел за Елса Скиапарели, а му позирала и на Сесил Битон, кој бил воодушевен од нејзината чудна, незапирлива елеганција. Била и одличен писател - во 1973 објавила книга со рецепти за англиска кујна и пишувала колумна за храна во Вог. Била и во кругот на Ворхол и учествувала во неговиот телевизиски проект Andy Warhol’s Nothing Serious, а се појавила и во филмот „Крв за Дракула“ од 1974.

Контесата Максим де ла Фалез се разведува од нејзиниот сопруг во 1950, после бројни (нејзини) неверства. Има две деца, Лулу де Ла Фалез (манекенка и модел за Сан Лоран) и Алексис де Ла Фалез, дизајнерка на мебел. чија ќерка Луси де Ла Фалез (исто манекенка) се омажи за Марлон Ричардс (синот на Кит Ричардс и Анита Паленберг).

Максим де ла Фалез потоа се омажила за вториот сопруг, Џон Мекендри, куратор во музејот Метрополитен и наводно и тој и таа имале бројни афери, од кои најпознати се повторно нејзините, како на пример со Пол Гети и Макс Ернст.

Умира во својот дом во Прованса на 30 април, 2009, на 86 годишна возраст.

9 април 2024 - 00:00