Како Елизабет Холмс ја изигра силиконската долина

Еднаквост. Само Берни Мадоф ли да лаже луѓе?

Приказната на Елизабет Холмс добива есеи, книга-бестселер, документарец и филм со Џенифер Лоренс во главната улога. Што е работата?

Ај, по ред.

Се откажува од студии за да основа компанија

Ова на 19-годишна возраст. На Стенфорд студира хемиски инженеринг и во 2003-та се откажува за да ја основа Теранос - стартап за здравство кој ветува поевтин и побрз тест на крв со боцкање прст што ќе покажува резултати за повеќе состојби во организмот, притоа користејќи само дел од количината на крв што ѝ е потребна на досегашната технологија. Кај беше проблемот? Едноставно - не функционираше.

Отпуштила човек што се сомневал во проектот

Теранос сакале да дозволат прв прототип за фармацевтските фирми во 2005-та, според Бизнис Инсајдер. Следната година, главниот финансиски директор Хенри Мосли го отпуштаат затоа што се сомневал во ефикасноста на технологијата и интегритетот на компанијата.

Се облекува така, заради опсесијата со Стив Џобс

Ѝ бил херој и се носи како женска варијанта на Џобс - до ролка. Според Вол Стрит Журнал, Холмс го нарекувала системот за тестирање на Теранос „ајпод на здравството”, а техниките за менаџирање ги собрала од биографска книга за Џобс.

Во еден момент, Теранос вреди 9 милијарди долари

Холмс ги убедува некои од најбогатите инвеститори на Силиконската долина да помогнат нејзината фирма да направи револуција во крвни анализи. Теранос продава акции кои ја качуваат вредноста на компанијата до 9 милијарди долари. Членовите на одборот бројат не еден, туку двајца поранешни државни секретари на САД: Хенри Кисинџер и Џорџ Шулц.

На 30-годишна возраст ја има на насловна на Форбс

Во 2014-та, Форбс ја става на насловна и ја прогласува за најмладата самосоздадена милијардерка во светот. Нејзини се 50% од акциите во Теранос, па автоматски вреди 4,5 милијарди.

И после имаш „враг је однео шалу”

Се појавува низа статии во Вол Стрит Журнал во 2015-та, каде што се открива дека поголемиот број тестови за кои Теранос тврди дека се правени со нивните машини, всушност се направени со машините кои тврди дека ги заменува. Кога се користат машините на Теранос, резултатите не се толку за верување.

Луѓето се уверени дека длабокиот глас ѝ е лажен

Ја обвинуваат за многу посериозни работи, но најопседнати се со тврдењето дека го има сменето гласот со лажен, подлабок глас за да биде поавторитативна. После падот на Теранос, поранешните соработници кажувале дека повремено се заборавала и ѝ излегувал вистинскиот, потенок глас, особено после пиење.

Нејзината приказна инспирира книга, документарец и подкаст

Книгата е Bad Blood: Secrets And Lies In A Silicon Valley Start-Up, документарецот на ХБО е The Inventor: Out For Blood In Silicon Valley, а истражувачката серија на Ејбиси Њуз со подкастот е The Dropout.

Па следи филм и драмска серија

Џенифер Лоренс ќе ја игра Холмс во нов филм базиран на нејзината исклучителна траекторија и брука, а ќе го режира Адам Мекеј, од The Big Short и Vice, а во серијата ќе ја игра Кејт Меккинон. И во двете ствари ќе го има Балто, кутрето сибирска хаска, што го носела со нејзе во лабораторија ризикувајќи да ги контаминира примероците, а за кое тврдела дека не е куче туку волк.

Каде е сега?

Во март, 2018-та, Холмс добива обвнинение за „масовна измама”, со инструкции да плати казна од 500.000 долари и да врати милиони во акции на компанијата. Во јуни, Холмс и Рамеш Балвани, нејзиниот поранешен дечко и поранешен претседател на компанијата се обвинети за криминална измама за наводни лажни изјави за ефикасноста на Теранос технологијата. Се изјаснила како невина и била ослободена со кауција од 500.000 долари.

И покрај сето ова, како наша да е, Холмс наводно веќе бара средства за нова бизнис-идеја.

22 април 2019 - 00:00