Позајмено интервју:

Гаронс Доре: Сакам дистанца

„За 15 години, можеби, Јутјуб ќе биде огромен. И одлично е сега да се создаде мрежа, да се земе моќта во раце и да се направи нешто поинакво. Сега треба да креирате сајт, или видеа, затоа што подоцна, тоа место ќе биде зафатено.”

Гаронс Доре стои зад еден од најчитаните фотографски и модни блогови, не само како слатко лице, туку како комплетен креатор на една поинаква содржина, следена од милиони ширум светот. Почнува со илустрации, со кои подоцна соработува со големите модни куќи, пред да го започне блогот. После некое време се зафаќа со улична фотографија, па видео, па пишување. На The Talks им делува скроз интересна за интервју, и богами стварно е.

Гаронс, што те прави добар блогер?

Не кријам делови од мене. И тоа што го правам ми е пасија. Заработувам од тоа, но ми е ќеиф да се будам за него. Затоа сум многу внимателна да не растам премногу и пребрзо, затоа што ќе се претвори во работа. Јас не го гледам како бизнис.

Но сепак знаеш да направиш разлика меѓу работата и приватниот живот, нели? Пишуваш за проблеми со тежината и за долната облека, но го изоставуваш љубовниот живот.

Тоа не е затоа што е премногу интимно, би споделила. Се работи за идентитетот на мојот блог – не сакам сешто да ставам на него. Се обидувам сега да пишувам книга и ќе бидам поотворена за такви работи. Поставувам граници, но мојата приватност не е една од нив.

Само концептот е ограничен.

Да, навистина верувам во споделување. Мајка ми е психоаналитичар и живеев со многу отворено семејство, па знам како да зборувам за себе без да бидам вулгарна. Можам да разговарам за сексуалност и за семејни проблеми, и ако го прочитате тоа – да ви делува во ред. Вуди Ален може многу да сподели и тоа да не биде брука за никого. Мислам дека го можам истото. И тогаш луѓето мислат „А, па можеш ти да зборуваш за твоето и јас за моето.” Луѓето често ми го велат тоа.

Колку често зажалуваш за нешто што си го објавила?

Кога зборувам за нешто во кое не верувам, ми делува погрешно и ми се слошува и сакам да го снема постот. Не е тоа за пари, но понекогаш ќе зборувам за нешто во кое не верувам и секогаш зажалувам. Но така учам лекција дека треба да бидам внимателна со она што го објавувам. Некогаш, луѓето сакаат да ги има на блогот и не им дозволувам и не разбираат. Но, ми го знаат вкусот, чувствуваат кога нешто не е вистинско и така немам многу проблеми со одбивање.

Дали мораш да бидеш на дистанца од индустријата за да ја задржиш таа перспектива?

Ако сакаш да промениш нешто, а тоа не е тоа што го работиш – но сакаш промена, мораш да бидеш поинаков. Ако си внатре, имаш премногу конекции, премногу луѓе што сакаш да ги заодволиш и мислам дека со Скот успеваме да држиме една здрава дистанца. Никогаш не сум сонувала да бидам во први редови на некоја модна ревија. Супер е, но никогаш не сум си рекла „едвај чекам!!!”. Верувајте ми дека сум обична, понекогаш сакам да сум кул и да ги познавам вистинските луѓе, но знам и да се тргнам на страна и да не се вклучувам многу меѓу популарните фаци. Сакам дистанца.

Во денешно време многу луѓе живеат глорифицирана верзија од нивните животи на Фејсбук и Твитер. Дали е тоа случај со твојот блог?

Сите правиме така. Јас покажувам поидеализирана верзија на мојот живот и работите што ги гледам. Никогаш не се обидувам да ја прикажам реалноста, туку светот како што сакам да го видам и себеси каква што сакам да бидам. Така што, сите сме исти, се едитираме, ги покажуваме најдобрите ствари, но понекогаш е добро да се каже и, „океј, има и срање ситуации и тоа е во ред.”

Се грижиш ли некогаш да не го прикажеш тоа во јавност?

Се разбира, но тоа го има кај сите и мислам дека не морам да бидам совршена. Мислам дека проблемите што ги имаме се интересни. Не ми е проблем да кажам дека сум исплашена, импресионирана, неимпресионирана, кога се чувствувам дебело, кога сум пресреќна. Мислам дека сите поминуваат низ истото. И затоа мислам дека би споделувала повеќе.

Луѓето сакаат искрени приказни.

Што сакаш да читаш на интернет?

Како читател, ако одам на некоја веб страна и се почувствувам преплавена со информации, напуштам. Како Твитер, колку повеќе луѓе следиш, толку помалку читаш. Ако купиш списание го читаш, и знаеш што има таа недела и тој месец. Но кога информацијата е насекаде, и ти се чини како да не е добро уредено – замара. Мислам дека колку повеќе содржина има на интернет, толку повеќе ни требаат вистински уредници како мене, со вистински глас.

Како ја замислуваш иднината на блоговите?

Се претвораат во нешто многу покомерцијално – променливиот фактор се парите. Кога имаш пари, системот ќе ти биде како во списание. За да заработуваш повеќе, ќе треба повеќе содржина затоа што имаш луѓе што ти работат. И со повеќе содржина губиш фокус; зборуваш за повеќе работи, а помалку уредуваш. Значи, ти требаат талентирани луѓе за пишување, способни за одлични содржини, што не функционира така лесно на интернет. Интернетот е константно гладен.

Што мислиш за телевизијата, како еден понедемократски начин на забава?

Последен пат кога гледав филм на телевизија, тоа траеше три саати, а филмот - саат ипол! Му реков на Скот, „јас веќе никогаш нема да гледам филм во Америка!” Тоа не може во Франција. Таму пуштаат реклами само еднаш, до два пати, а во Америка на секои 5 минути! Но сепак, не мислам дека парите се зло.

Зошто не се?

Убавината во телевизијата е што има многу пари и креира прекрасна програма, како сериите на приемр. Но ќе има голема промена. За 15 години, можеби, Јутјуб ќе биде огромен. И одлично е сега да се создаде мрежа, да се земе моќта во раце и да се направи нешто поинакво. Сега треба да креирате сајт, или видеа, затоа што подоцна, тоа место ќе биде зафатено.

Сè повеќе работиш со видео. Можеш ли да замислиш еден ден да направиш филм?

Да, би сакала. Видеото ми дојде природно и многу би сакала да работам на филм. Но и кога се работи за книга – а луѓето долго ме молеа да напишам книга – агенти, издавачи – реков дека би сакала, но не можам да замислам како да го направам тоа. И потоа добив инспирација и сега имам книга! Така што, не знам дали ќе биде добра, но така би било и со филм. Можеби еден ден ќе ми дојде и тоа, но во моментов само експериментирам со видео и се забавувам. Идол ми е Вуди Ален, но сакам и реалити телевизија. Мислам дека сакам да измешам реалност со фикција.

Навистина сакаш реалити?

Не знам дали постои реално шоу што го сакам, но ми се допаѓа идејата. Мислам дека обично луѓето не се многу интересни, но ако се работи за луѓе што ме интересираат, би ми се допаднало.

Но обично е ужасно и мислам дека интересни луѓе не би прифатиле…

Точно, но замислете го совршеното реално шоу: студиото на Брус Вебер, на пример. Би сакала да бидам таму со камера и да ги снимам додека работат. Тоа би било одлично реално шоу.

3 октомври 2017 - 15:54