Да ѝ се заблагодариме на Гертруд Б. Елион

Нејзините исклучителни придонеси на полето на фармакологијата одат многу подалеку од нејзината пионерска работа со имуносупресивна терапија.

Освен што го има развиено првиот имуносупресант кој се користи при трансплантација на органи, има и откритија кои имаат направено револуција во третман на најразлични болести како гихт, маларија, херпес и рак.

Едно од најголемите достигнувања ѝ е развојот на ацикловирот, антивирален лек што се користи за третирање на инфекции со херпес. Нејзините неуморни истражувања имаат доведено до создавање на овој лек, кој оттогаш е основа за менаџирање на херпес симплекс и варичела зостер.

Барајќи нови начини на лечење, Елион прави големи чекори и во битката против маларија - болест што сè уште е закана за глобалното здравје. Преку нејзиното иновативно истражување, идентификувала потентни антималарични соединенија што имаат одиграно клучна улога во борбата против оваа паразитска инфекција.

Понатаму, нејзината работа се шири во терапија за канцер, каде што развива нови лекови што ги таргетираат скриените механизми на растот и ширењето на ракот. Нејзиниот придонес го поплочува патот за развивање на хемотерапевтски агенти, повторно од клучна важност за подобрување на стапката на преживување и квалитетот на животот на пациенти со рак.

И покрај неверојатните достигнувања, Елион се има соочено со предизвици во текот на кариерата, меѓу кои и институционални бариери и родова дискриминација. Била принудена да се откаже од докторатот поради притисок од деканот на Бруклинскиот политехнички институт, но продолжила со својата пасија за научни откритија со незадржлива одлучност.

И покрај тоа што нема докторат, нејзиниот придонес не останува незабележан - во 1988, добива Нобелова награда за физиологија или медицина, и со тоа станува (само) петта жена во историјата што ја добива оваа престижна чест. Наградата е сведоштво за длабокото влијание на нејзините истражувања и трансформативната природа на нејзините откритија.

11 април 2024 - 00:00