Галичник не е само свадба

На 17.06.2023 ќе се одржи второто издание на настанот ГалИцко фестивал во Галичник. Првото издание на фестивалот беше успешно прифатено, во чест на Ристо Меловски - Dj Ицко и во чест и паметење на сите што ја изгубија битката со Ковид 19.

Во негово име и во име на малите нешта што го исполнуваат животот се решивме и оваа година да продолжиме со истиот слоган. Dj Ицко над 25 години беше познат како Dj, новинар и радиоводител во Антена 5 радио. Активен планинар, страстен мотоциклист и маратонец.

Под слоганот ‟Сè што му беше љубов во едно”, настанот ги обединува омилените активности на Ицко, планинарењето со организирање на две планинарски тури со искачување на врвот Карбула и возобновената Ицкова патека иницијално маркирана од страна на Ицко, велосипедизмот со вело-тура од Галичник до Лазарополе и назад, мотоциклизам со мото дефиле на неговите пријатели и музиката со DJ-и од 19 часот до 02 часот во Галичник.

Планинарската тура започнува во 09 часот од Галичник, според опис е средно лесна со вкупна должина од 10 км и времетраење од 5 часа. Вело-турата започнува од 08 и 30 од Галичник со вкупна должина околу 80 км и времетраење од 6-8 часа.

Мото дефилето ќе се одржи со почеток од 13 часот од Скопје до Галичник.

За сите оние кои сакаат да преноќат и да уживаат на вечерната забава, обезбедено е камп место за поставување шатори.

Главниот настан е фестивалот со настап на пријателите и колеги на Ицко, DJ-ите Tone Deep, Lephonq, Martin, Dulelud, BOM DJ Set, Galoski, Nikifor со почеток од 19 часот. Како дебитант на фестивалски настап ќе има чест да го отвори фестивалот младиот DJ Efex. Влезот е слободен.

Ги покануваме сите љубителни на природата и музиката на заедничка дружба и убав викенд.

ГалИцко тим!

15 јуни 2023 - 10:24