Волшебник платен од градски буџет во Нов Зеланд по две децении загуби работа

Крајстчрч дваесет години одвојувал плата за локален волшебник, заштитен знак на градот. Но неговите навредливи коментари за жените и за новата туристичка стратегија на градот довеле до тоа тој да добие отказ.

Вистинското име му е Јан Брекенбери Ченл, но попознат е како Волшебникот од Нов Зеланд, титула што му стои дури и во официјални документи како пасош. Тој бил на платниот список на градскиот совет на Крајстчрч од 1998, добивајќи годишна плата од повеќе од 11.000 американски долари, за „волшебнички услуги, дел од промотивните активности на градот“.

Но наскоро оваа позиција ќе стане минато. Советот му пратил писмо заблагодарувајќи му се на услугите во изминатите децении, и информирајќи дека го прекинуваат формалниот договор. Последната плата ќе му биде исплатена во декември. 

Официјалното објаснување е дека градот ја менува својата промотивна стратегија, која треба да ги отсликува различните заедници и да го претставува градот како модерен, привлечен за домашни и меѓународни посетители, нови бизниси и обучени работници од странство. 

Но ова веројатно не е единствената причина за отпуштањето. „Ги сакам жените, им простувам цело време, никогаш не сум удрил некоја од нив. Прво, затоа што на нив веднаш се појавуваат модрици, па ќе раскажат на комшивките и пријателките...и после имаш беља“, рекол тој неодамна на телевизија. Истовремено го нарекол градскиот совет „куп бирократи без имагинација“. 

Иронично е што во моментов во тек е изложба посветена на животот и делото на Ченлс, и тоа спонзорирана од градот. Тој е претставен како „живо културно наследство“, човек кој не се преправа туку и реално живее како некој митолошки лик, експериментатор кој својот брак го нарекува „алхемиски“. Пред да почне да се занимава со волшебништво, бил пилот на Кралската авијација, студирал психологија и патувал низ Блискиот Исток, предавајќи во Техеран и Австралија.

„Кариерата“ на волшебник му започнала откако се преселил во Крајстчрч и наскоро станал препознатлива градска фаца, зборувајќи на градскиот плоштад облечен во долга тога и шпицеста капа. Неговиот говорнички талент ги привлекувал минувачите, а тој бил махер за синтетизирање мисли на славни филозофи. 

Помеѓу своите титули кои ги добил од градските власти, тој на својот сајт има објавено и писмо од премиерот на Нов Зеланд, кој го назначил за Волшебник на целата земја, за да можат и сите граѓани (а не само жителите на Крајстчрч) да ги користат неговите услуги. 

Помеѓу неговите активности спаѓаат изведување танци за дожд во текот на суши, учество во протести против рушење на стари згради по земјотресот во градот во 2011, и славниот судски спор со Телеком околу менувањето на бојата на јавните телефонски говорници во 1988. Тој одел наоколу и ги префарбувал новите сини кабини во оригиналната црвена, во битка која траела цели 12 денови.

Сепак, во последно време тој не бил толку активен, според негови зборови затоа што градскиот совет „го направил невидлив“ и ги игногирал неговите предлози за подобрување на туризмот и за тоа како бирократијата да стане похумана. 

16 октомври 2021 - 10:05