Стиховите на песните стануваат поедноставни, полути и понарцисоидни

Наводно не било (само) до тоа дека сме постари. Според студија објавена оваа недела, во последниве 40 години песните, барем на англиски, и тоа во повеќе жанрови, стануваат сè „побазични“ - со поедноставни фрази кои се повторуваат. Во однос на содржината, доминираат песни кои не се весели. 

Тим европски истражувачи ги анализирале стиховите на повеќе од 12.000 песни на англиски во жанровите рап, кантри, поп, блуз и рок од 1980 до 2020.

Според нив, стиховите може да се „огледало на општеството“, кое отсликува како се менуваат културолошките вредности, па оттаму следењето на промените во нивната структура и содржина може да ни каже нешто за еволуцијата на времињата и преокупациите. 

Секако, треба да се земе предвид и тоа дека во текот на четирите децении се случуваат драстични промени во музичкиот пејзаж - од тоа како музиката се продуцира, преку тоа како (и на што) се слуша, до тоа како се продава. Винилите и касетите од 1980-тите доведоа до ЦД-ињата во 90-тите, а потоа интернетот доведе до денешните алгоритамски платформи. 

Елементите кои биле земени предвид во истражувањето се чувствата изразени во стиховите, колку различни и сложени зборови биле употребени и колку често тие биле повторувани кај исти или различни артисти. Во сите жанрови стиховите покажале тенденција да се поедноставуваат и да стануваат порепетитивни.

Резултатите ги потврдиле претходните истражувања кои покажале намалување на позитивните, весели стихови и подем на такви кои изразуваат лутина, згрозување или тага. Рапот предничи во зголемувањето на лутината.  Стиховите исто така станале многу по нарцисоидни, со зголемена фреквенција на зборови како „јас“ или „мене“.  

Во статистиката влегла и фрекфенцијата на пребарувањето на стихови од различни жанрови на веб-сајтот за оваа намена, Џиниус. За разлика од другите категории, рок фановите најчесто пребарувале стихови од постари песни. Ова е можна последица на тоа што популарноста на рокот е опадната последниве децении, па љубителите на оваа музика повеќе сакаат да се навраќаат на неговите „златни“ денови. 

Уште една разлика од пред 40 години е што сега првите 10-15 секунди се одлучувачки за тоа дали ќе ја прескокнеме песната или не. Песните со повеќе рефрени, кои повторуваат многу едноставни стихови се попопуларни, бидејќи се лесни за помнење. Накратко - тешко дека некој од младиве популарни музичари некогаш ќе може да добие Нобел за книжевност како Дилан (или Пулицер како Кендрик Ламар). 

29 март 2024 - 19:13