Сијалицата која свети од 1901

Во слава на некогашниот квалитет на апаратите кои знаеа да траат со години, една сијалица која упорно свети веќе 121 година.

Најстарата регистрирана сијалица која се уште функционира се наоѓа во Ливермор, Калифорнија. Виси на обична жица од таваницата на Пожарникарската станица број 6 во овој град и наводно свети од 1901 година. На 27 јуни 2015 била одржана забава за прослава на милионитиот час на нејзиното работење. Таа е позната како Стогодишната светилка, и привлекува туристи во инаку не многу атрактивното гратче.

Сијалицата може да се следи во живо на посебен сајт полн со различни детали, на кои се наведени дури и книги инспирирани од неа, меѓу кои сликовници за деца и книга чиј наслов е „Се моли последниот човек што ќе го напушти Ливермор да ја одврти сијалицата“. Истовремено се наведуваат и куп докази за нејзината старост, која уште во 1972 ѝ донела место во Гинисовата книга на рекорди. 

Сијалицата ја изработила Шелби Електрик Компани од Шелби, Охајо (воспоставена во 1896, згасната во 1912); дизајнер е францускиот електро-инженер Адолф А. Шале (1867-1914); жичката што свети е карбонска, направена со „таен процес“ кој до денес е непознат. Она што е интересно е што гледана од долу таа го формира зборот „не“ (no) ракописно.

Има повеќе теории зошто сијалицата е долготрајна, а една од нив е дека поради речиси континуираното светење (исклучувана е само 4 пати во текот на сите овие години) таа не била изложена на постојано гасење и палење како обичните домашни светилки. A можеби има и нешто мистично во светилка која свети вечно. Да не ја урочиме... 

23 март 2022 - 19:36