Стомачни гасови однесени од ветрот

Шведски научници со години вметнувале цитати од Дилан во статии

Пет шведски професори и истражувачи признаа дека го цитирале Дилан во стручни статии. И дека се натпреваруваат меѓу себе кој ќе успее да протурка повеќе од нив пред пензија.

Играта почнала пред 17 години, кога двајца професори од Институтот Каролинска во Стокхолм, Џон Џундберг и Еди Вајтцберг напишале статија за (со опроштение) стомачните гасови, со наслов „Азотниот оксид и воспаленијата: одговорот е однесен од ветрот". 

Тоа било само почеток на нивна лична традиција на користење дилановски референци во воведи за книги, рецензии на туѓи статии и научно-популарни текстови. Набргу библиотекарот на истиот Институт забележал друг текст од двајца професори по медицина, под наслов „Крв на пругата: едноставен пресврт на судбината" (Blood on the Tracks/A Simple Twist of Faith) и ја споил четворката. Потоа им се придружил уште еден, Кенет Чиен, кардиоваскуларен истражувач, кој независно си го цитирал идолот со години, а еден негов текст е објавен под наслов „Заплеткани во тага (Tangled Up in Blue): молекуларна кардиологија во постмолекуларна ера".

Договорот е кога сите петорица ќе се пензионираат да се направи есап, и оној кој имал најголем број споменувања на Дилан во неговите трудови да биде частен ручек од другите во Солна, северно од Стокхолм.

Следен може да биде интердисциплинарен гинеколошко-етнолошки труд под наслов: Just Like a Woman: нивото на естроген на женските ликови во љубовните песни од Радовишко-Пијанечкиот регион  

27 септември 2014 - 10:07