Што е тоа „синдром на странски акцент“?

Доколку го гуглате овој термин, излегуваат резултати кои поставуваат дополнително прашање - дали вакво нешто навистина постои? Но истражувачите на говорот велат дека тоа е вистинско пореметување, кое предизвикува ненадејна промена во начинот на зборување, како некој да се преправа дека зборува со странски акцент. 

Синдромот на странски акцент (Foreign accent syndromе или FAS) може да биде предизвикан од оштетување на мозокот, удар или траума. Говорот притоа може да биде променет во смисла на интонација и позиционираност на јазикот, па да звучи некако „странски“. Тој сепак останува разбирлив за говорителите на оригиналниот јазик.

Синдромот е документиран во различни случаи низ светот, а вклучува промени на акцентот од јапонски во корејски, британски англиски во француски, американски англиски во британски, шпански во унгарски и др. 

Најстариот регистриран случај е од 1907, кога човек од Париз кој доживеал мозочен удар почнал да зборува со алзашки акцент. Но што се однесува до странски јазици, тоа е жена од Норвешка по име Астрид, која во 1941, во текот на Втората светска војна, била ранета во главата со шрапнел. Две години подоцна таа се сретнала со неврологот Георг Херман Монрад-Крон, кој веднаш забележал дека, и покрај тоа што таа очигледно одлично зборувала норвешки, поради акцентот можела лесно да биде препознаена како Германка или Французинка. Докторот ја нарекол нејзината состојба „диспрозодија“ (од „прозодија“, што ги подразбира елементите на јазикот како интонација, ритам, акцент итн.). 

Самиот термин „синдром на странски акцент“ е создаден многу подоцна, во статија на невролингвистот Хари Витакер од 1982. Врз основа на претходните студии тој сугерирал четири критериуми за негово дијагностицирање:

- Акцентот, од страна на пациентот, оние што го познаваат, како и од истражувачот, се доживува како странски;
- Тој не е ист со акцентот на мајчиниот јазик кој го говорел пациентот пред мозочната повреда;
- Јасно е поврзан со оштетување на централниот нервен систем;
- Нема доказ дека говорителот го зборува странскиот јазик на кој асоцира новиот акцент.

Всушност, најверојатно не станува збор за имитирање на постоечки акцент, туку за такви невролошки оштетувања кои оневозможуваат суптилни мускулни движења на вилицата, јазикот и усните што резултира со изговор кој звучи како (генерално) странски. Ова значи дека различни слушатели можат да го толкуваат различно (на пример еден ист говор да биде слушнат како полски, руски или француски). 

Досега објавените студии за начини на третирање на синдромот не покажале дека говорната терапија прави некаква разлика. Останува да се види дали понапредни техники како електромагнетна артикулографија (визуелна терапија при која се покажуваат мали движења на јазикот) би можеле да им помогнат на пациентите да го повратат својот оригинален начин на зборување. 

25 јануари 2023 - 08:27