Речникот Меријам-Вебстер само за октомври додаде 455 нови зборови

Пандемијата ја засили комуникацијата онлајн, па лексикографите (се мисли на оние кои будно следат и ги регистрираат динамичните промени) имаат полни раце работа.

Во речникот на англискиот јазик Меријам Вебстер се додадени дури 455 нови зборови и дефиниции, и тоа само за октомври!

„Брзата и неформална природа на праќањето пораки, твитањето и постирањето онлајн придонесува за развој на нов речник кој е богат и ефикасен, и често се состои од скратени изрази“, објаснуваат од речникот на нивниот сајт.

Еве некои од новите и интересни лексички единици:

Amirite: Не е некаков необичен минерал, туку „зипуван“ израз за „дали сум во право“ - Аm I right? 

ТBH: Кај нас би било ИДТК (Искрено да ти кажам), а е кратенка за To be honest.

Deplatform: Отстранување и забрана за пристап на корисник на дигитална платформа.

Because (затоа што): Овој збор секако постоел и претходно во речникот, но сега е вклучен како термин со кој се скратува некое објаснува („Ова работи затоа што - наука“), или за да се прескокне какво и да е објаснува („тие си заминаа затоа што - причини“; because reasons).

Истовремено, додадени се и зборови поврзани со пандемијата, како супер-спредер како именка (кога означува високо заразен човек кој може да ја пренесе болеста на други), но може да биде и придавка како super-spreader event, или настан на кој поради бројноста на луѓето е можно засилено ширење на болеста.

Помеѓу нашите омилени зборови, за кои ни е тешко да поверуваме дека до сега го немало во речникот е „уатабаутизам“ - практика на одговарање на обвинување за правење нешто погрешно со тоа што ќе се укаже дека некој друг направил слично или исто. Во британскиот постои и „уатабаутери“, како генерален опис на феноменот. 

29 октомври 2021 - 17:21