Посета на музеј како афродизијак?

Полски музеј ги моли своите посетители да престанат да водат љубов во неговите простории. На социјалните мрежи се бараат видеата. A во одбрана на паровите заинтересирани и за историја, но и за биологија, некој вели - па има ли нешто повозбудливо од тоа да видиш топ во живо?

Прошетка низ музеј може да поттикне секакви чувства. Особено ако станува збор за таков каде се минува низ подземни ходници и мрачни премини, кога чувството на минливост и смртност може да ги поттикне моменталните страсти за живот. 

Таков е случајот со еден полски музеј, историската тврдина Герхард на островот Волин во Балтичкото море. Неодамна неговото раководство издаде соопштение во кое ги моли љубовнички настроените посетители да се воздржат додека се на негова територија. Во истото се наведува дека само што ги поставиле, надзорните камери веќе фатиле три пара. 

„Ве молиме, без ars amandi во музејот. Повеќето од изложените нешта се предмети ’родени’ пред многу години и се навикнати на сосема поинакви морални стандарди. Не сакаме да им причиниме нелагодност!“.

Веста брзо се прошири на социјалните мрежи, а коментаторите ги бранат фатените со „Водете љубов не војна“ или „Нема ништо повозбудливо од поглед на вистински топ“. 

Изградена во средината на 19 век од пруската империја, Форт Герхард била во употреба и од германската војска до 1945, вклучително и во текот на нацистичката окупација. Од своето отворање во 2001 музејот има постојана изложба на униформи, оружја и други воени предмети. Тоа е една од најдобро сочуваните пруски тврдини во Европа, која привлекува над 45.000 посетители годишно.

Наместо секс на јавно место кој е казнив според полските закони, раководството препорачува мала прошетка накај дивите плажи на десниот брег на блиската река. 

6 септември 2022 - 15:59