Подгответе се за пост-корона манипулација на здравиот разум

Во моментов никој (или речиси никој) не спори дека ситуацијата е сериозна и дека треба да се однесуваме соодветно. Но кога работите ќе слегнат, може да се очекува феномен познат како „геслајтинг“ - психолошка манипулација чиј резултат би требало да биде бришење од меморијата на она што се случило, за животот (читај: потрошувачката) да се врати на „нормално“.

„Геслајтинг“ (буквално: плинско осветлување или „плиносување“) е психолошка манипулација чија цел е поттикнување сомнеж кај поединец или кај колектив во сопственото сеќавање, расудување или перцепција, резултирајќи со низок степен на самодоверба. Притоа се користат различни „алатки“ - одрекување, погрешно насочување, контрадикција, лажно информирање или сето ова заедно.

Терминот, кој тешко се преведува на македонски, потекнува од театарската претстава „Плинско осветлување“ (Gas Light) од 1938 на британскиот писател Патрик Хамилтон, во која главниот лик Џек Менингем ја убедува својата сопруга Бела дека таа го губи разумот. Во суштина тој е убиец кој се оженил за неа само за да ѝ го зграпчи богатство. Драмата е адаптирана два пати на филм, а оној од 1944 добил два Оскара.

Според текст објавен на Форџ, наскоро, кога работите ќе почнат да слегнуваат „многу јаки играчи ќе почнат да нè убедуваат да се вратиме во нормала и да одрекуваме дека ништо не се случило“. Милијарди долари ќе бидат потрошени на рекламирање, и производство на телевизиска и медиумска содржина која ќе треба да направи да се чувствуваме безбедно и пријатно. Нешто од тоа ќе биде тешко да се забележи - билборд тука, реклама таму, но и демек смешни мемиња и наводно неспонзорирани фејсбук постови и твитови. Сите тие ќе функционираат затоа што ќе го нудат токму она што ќе ни биде потребно - утеха и благ заборав на тешките мигови низ кои сме поминале како човештво.

Последниве стотина години рекламниот бизнис вреден милијарди работеше врз еден кардинален принцип: најди го проблемот на потрошувачот и реши го со својот производ. Кога проблемот е практичен тогаш и решението е исто такво, „како во ТВ презентацијата“. Но кога тој е емотивен, решението станува поапстрактно и треба да се продаде не само како привремен „фикс“ туку како потрајно и подлабоко, а кое како такво бара и посуптилен пласман. Тоа значи дека ќе станеме поизложени на скриени реклами на сосема нов начин.

И ова ќе се случи во време кога на голем дел од нас очите ни се отвориле во однос на непотребната потрошувачка и сознанието за количеството непотребни предмети кои ги имаме низ дома, а кои не се од никаква корист во вонредни околности. „Големата пауза“ нè натера да се свртиме кон основните вредности, а стравот од немање да си го стегнеме ременот. Како да им земеш пари на луѓе кои минале низ вакво искуство и штедењето може да им стане долгорочна определба? Како повторно да ги „хипнотизираш“, односно „плиносаш“?

Спомнатиот текст се однесува на најголемата кампања за нормализирање која би се одвивала во САД во пост-корона ерата, а која би ја воделе и левицата и десницата и сите можни брендови. Но ова ќе важи и на глобално ниво: сите ќе сакаат да ве натераат да верувате дека никогаш не сте го виделе она што сте го виделе. Не, не, воздухот не се прочистил во големите градови за време на Големата пауза. Немало којоти крај Голден гејт, и немало лебеди низ каналите во Венеција. Птиците не пееле по градските улици, а соседите не биле фини едни со други. Децата страдале без секојдневниот образовен „дрил“ - со тоа што повеќе се дружеле со родителите и научиле нешто за готвење и садење цвеќиња. Со тоа што не се фрлало храна, и се зашивала старата облека. Луѓе умирале затоа што наместо да се купува се рециклирало и се импровизирало.

Ако успеат да ни го одземат ова сеќавање, тоа ќе биде најголемата загуба од оваа криза. Ако „плиносувањето“ пак не успее, тогаш тоа ќе биде голема победа за човештвото.

15 април 2020 - 11:59