Петар Павленски или радикалниот протест на уметникот

Неговите перформанси предизвикуваат физичка болка дури и ако само слушаш за нив. По најновата акција - палење на огромната порта на зградата на руската Федерална служба за безбедност во центарот на Москва - Павленски се соочува со тригодишна затворска казна. Но ова е благ симболички чин на отпор во однос на она што го има правено претходно.

При перформансот кој беше изведен минатата недела под име „Закана: запалените врати на Лубјанка", уметникот ја полеа дрвената порта на ФСБ со бензин и ја запали. Потоа воопшто не помисли да избега, туку се сликаше со канистерот во раце и пламенот, додека не беше одведен од полицијата и обвинет за хулиганство.

Влезот на Службата за безбедност е симбол на теророт на некогашното КГБ, чиј непосреден производ според Павленски е и претседателот Путин. „Оваа зграда е жив симбол на сето она што е тргнато погрешно во Русија од 1990-тите", напиша коментаторот на Гардијан, велејќи дека објект на нападот на Павленски не е само една врата на една зграда со историско бреме, туку и на една цела „архитектура на теророт".

Зградата најпрвин припаѓала на осигурителна компанија. Но откако во 1919 ја презела тајната полиција тука се одвивале најсуровите форми на тортура врз „непријателите на системот". На ова место е родена и идејата за Гулаг-от, како систем на присилен труд, во 1950-тите тука се наоѓало седиштето на КГБ, а сега на внатрешните безбедносни служби на Русија. Фактот дека сето ова се одвива во една иста зграда според Павленски не е само прашање на физичка локација, туку и на идеолошки континуитет.

„Заканата за неодминлива казна виси над главата на секој кој може да биде пронајден со помош на технологија, да биде прислушкуван или да биде задржан на гранични контроли", изјави Павленски во склоп на видео од перформансот, кое беше тргнато од Вимео ден по настанот.

Во претходна акција Павленски ги прикова своите гениталии на плочникот на Црвениот плоштад, а во знак на протест против апсењето на членовите на Пуси Рајот јавно си ја заши устата. Кога беше на сила однесен во московската психијатриска болница тој и од ова направи уметност, сечејќи си го десното уво со огромен нож на покривот на установата.

Доследен на своите ставови, Павленски по најновата акција и апсење побара обвинителите да го товарат за тероризам, а не за хулиганство.

16 ноември 2015 - 08:23