Oд каде изразот „паѓаат ко муви“?

Ако живи суштества паѓаат ко муви тоа обично не е добра вест. Всушност, и потеклото на изразот, кој се среќава во повеќе јазици, па и во македонскиот, е поврзано со една таква масовна катастрофа. Но зошто токму мувите се одбрани како идеални „паѓачи“?

„А може од мувите да паѓаа ко муви?“. Ова е реченица од романот „Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски. Таа асоцира на жега, задушност, колективна несреќа, а изразот „паѓаат ко муви“ е присутен во повеќе јазици со истото значење. 

Потеклото на идиомот е подетално испитано во англискиот, каде се бележи негова писмена употреба најмалку од средината на 19 век. Една од најстарите референци е од статија во лондонскиот весник „Стандард“ од 1857, каде авторот ја критикува праксата на британските власти да пуштаат војници на фронт без потребната опрема за топло време. „Како британската униформа секогаш да ја следи британската клима“, напишал тој, забележувајќи дека трупите испратени во Индија за време на првата тамошна војна за независност се онесвестувале поради топлата облека. 

„Онака како што ги гледаме на нашите улици, замотани и натуткани на најстудениот ден од зимата, така тие ќе пристигнат во Калкута и ќе маршираат до Делхи или каде и да е, под сонцето што пржи, паѓајќи како муви по пат“.

Всушност, повеќе рани споменувања на изразот вклучуваaт екстремни климатски состојби, токму онакви какви што актуелно се случуваат низ светот. „Мажите, жените и децата паѓаат како муви во регионот на Њујорк“, напишало списанието „Мускатин“ од Ајова, во текот на смртоносен жежок бран од јули 1901.

Но зошто токму муви? Има неколку можни причини зошто тие би биле идеален кандидат за илустрација на концептот на ненадејно паѓање, и тоа во краток период и во голем број. Прво, тие не живеат многу долго. Животниот век на куќната мува е околу еден месец. Тие исто така се полесни за убивање од други инсекти, кои се поситни и побрзи во летот. Мувите често летаат во групи, особено кога влегуваат во домовите пред невреме или за да хибернираат кога ќе залади. Голем број и никогаш потоа не излегуваат, истоштени од тоа да најдат излез. Со други зборови, и тие паѓаат како...муви. 

извор

23 јули 2022 - 11:04