Фукујама уште има сон

Како ќе заврши историјата?

25 години по објавувањето на текстот кој стана основа на славната „Крајот на историјата и последниот човек", Франсис Фукујама сумира - шчо напрајфме, и шчо требит да најпрајме за однапред. Малку се правда, но не попушта. Теоретски, либералната демократија според него е сè уште без конкуренција.

Пред дваесет и пет години напишав есеј под наслов „Крајот на историјата?" за малото списание Национален интерес. Беше пролет 1989 и за нас, кои бевме среде политичките и идеолошки дебати на Студената војна, тоа беше неверојатен момент. Текстот се појави неколку месеци пред падот на Берлинскиот ѕид, непосредно пред про-демократските протести на Тјенајмен во Пекинг, и среде бранот демократски транзиции во Источна Европа, Латинска Америка, Азија и суб-сахарска Африка.

Тогаш реков дека Историјата (во големата филозофска смисла) се одвива на начин кој е многу различен од она што го замислуваа теоретичарите на левицата. Процесите на економска и политичка модернизација не водеа кон комунизам, како што тоа го тврдеа марксистите и СССР, туку кон некоја форма на либерална демократија и пазарна економија. Историјата, напишав тогаш, изгледа дека кулминира во слобода: избрани влади, индивидуални права, економски систем во кој капиталот и трудот циркулираат со релативно скромен удел на државата.

Гледано во ретроспектива, да почнам од очигледното: 2014 изгледа многу различно од 1989.

Проблемот на денешниот свет не е само во тоа што авторитарните сили јакнат, туку и дека голем број постоечки демократии не се во добра состојба. А тука се и развиените демократии. И САД и ЕУ искусуваат силни финансиски кризи, анемичен раст и висока стапка на невработеност, особено на младите. Иако сега економијата на САД повторно почнува да расте, придобивките не се подеднакво распределени, а поларизираниот и поделен политички систем тешко дека би можел да биде сјаен пример за останатите демократии.

Дали тоа значи дека мојата хипотеза за крајот на историјата беше погрешна или дека и е потребна сериозна ревизија? Сметам дека основната идеја останува суштински точна, но и дека сега разбирам повеќе работи за природата на политичкиот развој отколку во бурните денови на 1989. За да се разберат широките историски трендови значајно е да не се биде понесен од краткорочните развои на настаните. Карактеристиката на трајниот политички систем е во неговата долгорочна одржливост, а не како тој функционирал во некоја декада...

Но во областа на идеите, либералната демократија се уште нема реални конкуренти. Најголемиот проблем на општествата кои сакаат да бидат демократски е неуспехот тие да им го дадат на луѓето она што најмногу им треба: лична безбедност, споделен економски раст и основни јавни услуги, кои се потребни за да се овозможат индивидуални постигнувања. Оние кои ја промовираат демократијата од разбирливи причини се концентрираат на ограничувањето на силите на тиранијата или на „предаторските" држави. Но тие не минуваат исто толку време размислувајќи како добро да владеат. Како што вели Вудроу Вилсон, тие се позаинтересирани за „контролирање отколку за енергизирање на власта".

25 години подоцна, најсериозната закана за хипотезата за крајот на историјата не е дека постои повисок, подобар модел кој би можел да ја засени либералната демократија; тоа не го прави ни исламистичката теократија ниту кинескиот капитализам. Кога општествата еднаш ќе се качат на ескалаторот на индустријализацијата, нивната општествена структура почнува да се менува на начини кои ги зголемуваат барањата за политичко учество. Ако политичките елити ги вградат овие барања во нивното владеење, тогаш доаѓаме до некој вид демократија.

Проблемот е во мешањето на политиката и економијата. Економскиот раст бара одредени минимални институции, но тие тешко се создаваат во ситиуации на екстремна беда и политичка поделба. Вториот проблем на кој не му придадов значење пред 25 години е политичкиот распад, што претставува ескалатор кој води надолу.

Сите институции почнуваат да се распаѓаат на долг рок. Тие често се ригидни и конзервативни, нивните правила одговараат на потребите на еден историски период но не се вистинските кога надворешните услови се менуваат. Освен тоа, модерните институции треба да бидат неперсонални, а сепак паѓаат во рацете на силни политички актери. Природната човечка тенденција да се наградува семејството и пријателите функционира во сите политички системи, правејќи слободите да се претворат привилегии. Ова не е помалку точно во демократиите отколку во авторитарните системи. Во вакви услови богатите стануваат побогати не затоа што имаат поголем обрт на капитал, како што велеше францускиот економист Тoмас Пикети, туку затоа што имаат супериорен пристап кон политичкиот систем и можат да ги употребат нивните врски за промовирање на сопствените интереси.

Што се однесува до технолошкиот процес, тој е слаб во дистрибуцијата на користта произлезена од него. Иновациите, како информатичката технологија, ја шират моќта затоа што ја поевтинуваат информацијата и ја прават достана, но исто така ги уништуваат помалку квалификуваните работни места и се закана по постоењето на широка средна класа.

Никој којшто живее во воспоставена демократија не треба да го зема нејзиниот опстанок здраво за готово. Но и покрај турбулентите текови на светската политика, силата на демократскиот идеал останува огромна. Дури и кога покренуваме прашања за тоа колку скоро ќе пристигнеме таму, не треба да имаме сомнеж околу тоа какво општество лежи на крајот на Историјата.

Франсис Фукујама е постар истражувач на Институтот за меѓународни студии на Универзитетот Станфорд. Неговата нова книга „Политички поредок и политички распад: од индустриската револуција до глобализацијата на демократијата" ќе излезе на 1. октомври.

Целиот текст во WSJ тука.

12 јуни 2014 - 09:27