Kaко да научиш да пишуваш како најдобрите? Прекуцај ги.

Една од најголемите инспирации на Хантер С. Томпсон додека ја пишувал „Страв и треперење во Лас Вегас“ била „Големиот Гетсби“ на Фицџералд. За да се внесе во процесот на работа на авторот кого го почитувал, тој сакал да почувствува како е и физички да ги куцаш истите зборови.

„Логиката“ на Томпсон, како што ја разбираме, е следнава: како што пијанистите се обидуваат да навлезат во делото коешто го изведуваат не само умствено, туку и повторувајќи ги истите движења на клавијатурата како оние кои ги правел композиторот, така и авторите со големи книжевни амбиции најпрвин треба низ прсти да ги поминат зборовите на нивните претходници, а не само да ги читаат. Така буквално се отелотворуваат туѓите зборови, и патуваат од прстите до свеста.

Томпсон овој метод на прекуцување го почнал уште во 1958, кога работел како чирак во списанието Тајм. Тогаш на машина за чукање го препишал не само „Гетстби“, туку и „Збогум оружје“ на уште еден писател којшто го ценел - Ернест Хемингвеј. Ова му овозможило да навлезе во ритамот на прозата, со кој потоа можел да експериментира. Од „Тајм“ бил отпуштен следната година, но не затоа што си го губел времето со оваа работа, туку заради „безобразно однесување на Божикна забава“.

Оваа постапка на препишување заради создавање, во иронична но и филозофска форма, е обработена во краткиот расказ „Пјер Менар, автор на Кихот“ од Борхес. Менар е писател кој сака не да напише уште еден Дон Кихот, туку да го напише самиот „Дон Кихот“. За да не излезе дека го копира и само механички го транскрибира, тој учи 17-вековен шпански, му се враќа на католицизмот, ја заборава историјата на Европа од 1605-1918, и сето тоа за да стане де Сервантес.

„Сите луѓе треба да бидат способни за сите идеи и верувам дека така ќе биде во иднина“, вели главниот лик. Додека не дојде таа замислена иднина, препишувањето од збор до збор на туѓи книги можеби е единствениот начин за некои луѓе да напишат ремек-дела.

6 јуни 2017 - 18:53