„Има две, и се нишаат“ - кога папата требало да докаже дека е машко

Легендата вели дека новоизбраните папи во средниот век требало да ги презентираат своите гениталии на „инспектор“ кој потврдувал дека тие се мажи. За таквата потврда тогаш било доволно да се има мадиња, и физички, а и метафорично - за да се издржи церемонијата.

Столицата за којашто станува збор не е како онаа со мечовите во „Игри на тронови“, ниту пак е рана верзија на електричната. Според легендата, постоела мермерна столица со дупка - sedes stercoraria (oд stercus - измет), на која бил седнуван идниот папа во текот на церемонијата на крунисувањето. Нејзиното име се поврзува со следнава симболика: папата е тука за да ги крене бедните од дното (од „изметот“) и сиромаштијата, но истовремено да седи на трон рамен на принцови.

Постоењето на овој ритуал може да се поврзе со папата Јована, која можеби постоела а можеби и не во средниот век. Таа наводно била убедлива во своето преправање во машко и успеала, со голема вештина и интелигенција, да владее две години како папа, до моментот кога во тек на процесија ненадејно почнала да се пораѓа. Историчарите не можат да се согласат во ништо поврзано со неа, ниту датумот и местото на нејзиното раѓање, ниту нејзиното владеење како папа. Некои велат дека живеела во 11 век, додека други сметаат дека тоа било во 9-тиот.

Без оглед колку била фиктивна самата Јоана, помислата дека може да дојде до такво нешто - женско да владее со католичката црква, ги вадело од памет сите засегнати. Оттаму и обврската избраниот да се соблече од половината надолу пред гледачите, а потоа да се спушти во столицата со дупка за доктор да ги испита неговите гениталии. Доколку сè било во ред, испитувачот извикувал: Duos habet et bene pendentes - Има два (тестиса) и тие баш фино се нишаат! Ова било доволно за новиот папа да посака да останел бискуп или кардинал цел живот.

Можеби целата работа со столицата и мадињата што се нишаат е само мит. Уште во 16 век историчарите се шегувале дека ритуалот е напуштен бидејќи тогашните папи имале толку вонбрачни деца што нивната машкост не била спорна. 

27 август 2023 - 10:22