Еден од филмовите кои ги очекуваме во 2016

Ханеке ќе снима филм за мигрантската криза

По неговиот оскаровец „Љубов", Ханеке се враќа со „Среќен крај", којшто ќе се занимава со судбината на бегалците кои се обидуваат да влезат во Европа.

Актерите од претходниот филм, Изабел Ипер и Жан-Луј Трентињан ќе глумат и во новиот филм, чие снимање ќе стартува на почетокот на следната година во Кале, со надеж дека премиерата ќе се случи на Канскиот фестивал 2017.

Претходно за Ханеке се слушна дека ќе го снима „Флешмоб", за необична група онлајн ликови, но неговото снимање беше откажано во јуни без никакви објаснувања од мистериозниот режисер, кој и претходно не откриваше многу за проектот, со образложението „Не ја продавај кожата пред да ја убиеш мечката". Во септември пак тој беше еден од 3,000-те членови на Европската филмска индустрија кои потпишаа петиција за поддршка на бегалците за добивање азил и повика на итна акција за решавање на мигрантската ситуација.

Ова ќе биде четврт филм на Австриецот со Ипер во главната улога, по „Учителката по пијано", „Времето на волкот" и „Љубов". Ипер пак наскоро ќе се појави во „Спомени" (Souvenirs), луксембуршки филм за поранешна пејачка на Евровизија која освоила второ место во годината кога победиле АББА, а која сега работи во фабрика за паштети. Музиката за филмот е доверена на американскиот бенд Пинк Мартини.

Филмот на Ханеке се најде на листата „Филмови кои ги очекуваме (во кино-салите) во 2016" објавена во Њу Стејтсмен, која ги содржи и новиот на браќата Коен, „Аве Цезар", комедија сместена во Холивуд во 1940-тите со Џорџ Клуни и Скарлет Јохансон, како и „Аномалиса" на Чарли Кауфман, сценаристот зад „Да се биде Џон Малкович" и режисер на само еден филм до сега (Синегдоха). Неговиот втор филм е опишан како „стоп-анимација со филозофски сензибилитет".

30 декември 2015 - 18:23