Букбокс гледаше

Операција „Мелено месо“: како една апсурдна измама помогнала во победата на сојузниците во Втората светска војна

Нов филм фрла светлина на помалку позната епизода од Втората светска војна, резултат на сложена измама планирана од Британците, која во секој момент можела да тргне наопаку. Целта била да се отргне вниманието на Германците од планирана инвазија на Сицилија, а наместо тоа, преку шпионски канали, да се пласира доволно убедлив „таен“ план за навлегување во Европа преку Грција. Иако на почеток звучел бизарно, планот успеал да спаси десетици илјади животи и да го промени текот на војната. 

 Доколку претходно не сте чуле за операцијата „Мелено месо“, и нејзиното име, а богами и нејзината содржина ќе ви звучат како пародија на сериозна акција. Двајца британски агенти, Мoнтагју и Чолмоднли (ги играат Колин Фирт и Метју Мекфаден) во 1943 доаѓаат до „генијален“ план да најдат труп кој ќе изгледа како да се удавил, да го облечат како офицер на кралската морнарица и во џебовите да му стават документи и лични предмети кои ќе помогнат во негово идентификување како капетан Вилијам Мартин. Главниот елемент е тајно писмо кое ќе укажува на тоа дека сојузниците планираат инвазија на Сицилија.

Сиротиот фиктивен Вилијам е всушност ментално болен бездомник кој се самоубил со отров за глувци. Сцените во коишто се обидуваат да го сликаат за лични документи се пресмешни, главата постојано му паѓа а на фотографиите изгледа токму каков што е - мртов. Неговото тело треба да биде пуштено во крајбрежните води на Шпанија, и во идеален случај да заврши во рацете на Германците, кои ќе поверуваат во целата местенка и наместо на Сицилија ќе ги упатат своите трупи во Грција.

Целиот план е дел од реален „Меморандум Пастрмка“ од 1939, во кој се наведуваат 54 начини на кои непријателот, исто како и рибите, можат да се „фатат на јадица“ на добро планирана лага. Се верува, а филмот тоа и го потврдува, дека дел од сугестиите биле напишани од Јан Флеминг, асистент на високопозициониран адмирал, кој инсајдерските познавања на шпионската сцена подоцна ќе ги вгради во серијата книги за Џејмс Бонд. Тој идејата за мртвиот воздухопловен капетан кој со себе носи лажни документи ја вградил во предлогот број 28 од спомнатиот меморандум, а инспирација за неа му дошла од роман на извесен Бејзил Томсон, прилично непознат и според тогашните стандарди неквалитетен предвоен автор, кој сепак ете придонел со ваквиот заплет. 

Черчил неочекувано се согласува со целата идеја, токму поради нејзината апсурдност. А и сите вклучени, градејќи ги ликовите на удавениот капетан, неговата девојка и семејство, всушност како да пишуваат роман, вклучувајќи детали за омилената песна на Мартин и неговата девојка, или за светицата-заштитник на неговото семејство. Фотографијата на девојката којашто тој треба да ја има во џебот реално постоела и на неа е секретарката на MI5, Џин Лесли. Во филмот таа влегува во (додуша неконсумиран) љубовен триаголник со двајцата агенти, иако не постојат информации дека такво нешто вистински се случило. Таа и едниот од агентите толку се занесуваат пишувајќи ги фиктивните љубовни писма, што чувствата кои треба да ги симулираат всушност почнуваат реално да им се разгоруваат. 

Генерално земено, мисијата не само што била тајна, туку била и незаконска, бидејќи телото е земено од мртовечница без дозвола на семејството, а врската помеѓу него и идентитетот на лажниот капетан е откриена дури во 1996. Сепак, успешноста на целата акција придонела за слава и признание и на сиротиот бездомник. За него е направен филм и претходно, под наслов „Човекот кој никогаш не постоеше“ (врз основа на истоимена книга), кој беше прикажан на Кан во 1956 и доби награда БАФТА за сценарио. 

Илина, Букбокс 

24 јуни 2022 - 11:08