Букбокс гледаше:„Џулија“ (мини-серија, 2022)

Новата серија на ХБО во осум епизоди е трет телевизиски производ во краток период посветен на готвачката која ја промовираше француската кујна во Америка. Од каде ваков обновен интерес за нејзиниот лик? Најверојатно има врска со пандемијата, но можеби и со генералната потреба некој да нè утеши, макар и со крезли.

На фотографиите и снимките од 60-тите на минатиот век, Џулија Чајлд изгледа како „класната“ - корпулентна (била висока 1,88 сантиметри), со фризура за која сигурно требало витлери, стегната во кошулче со цветен дезен и дебело златно синџирче околу врат. Но зад оваа прилично конзервативна надворешност лежел крајно палав дух, креативно изразен низ готвењето, но и низ уметноста на водењето на телевизиски програми на оваа тема, кои во нејзино време не биле вообичаени.

„Џулија“, мини-серија на ХБО во осум продолженија е трет телевизиски производ во краток период посветен на нејзиниот лик и дело, по документарецот за неа од минатата година и шоуто „Предизвикот Џулија Чајлд“ на Фуд Нетворк. Оние кои се обидуваат социолошки да го толкуваат ваквиот наплив на „џулијанство“ всушност и немаат многу сложена задача - јасно е дека тоа што поминавме повеќе од две години затворени по дома („не поновило се“), нè натера малку повеќе да готвиме, и за некои од нас, да сфатиме дека и не сме баш најдобри во тоа. Но луѓе како Џулија поттикнале такви како нас да се обидат, и да успеат, дури и кога станува збор за каприциозното чоколадно суфле, кое секој момент може да спласне и да се претвори во обична кафена баричка.

Серијата е шармантна и воздушеста приказна за првите искуства на Чајлд со телевизијата. Неа ја игра британската актерка Сара Ленкешир, и тоа на начин на кој потоа нема да можете да замислите никој друг во истата улога. Секоја чест на Мерил Стрип за портретирањето на истиот лик во „Џулија и Џулија“ на Нора Ефрон од 2009, но ова е вистинскиот кастинг. 

Моментот кога се запознаваме со оваа Џулија е кога таа веќе жнее успеси од својот готвач, бестселерот за француската кујна. Но нешто уште побитно ја мотивира да продолжи на телевизија - фактот што влегува во менопауза и станува јасно дека таа и нејзиниот бескрајно лојален сопруг Пол (одличниот Дејвид Хајд Пирс) нема да имаат деца. Оттаму, ова не е само серија за жена која готви и притоа забавува, туку и за терапевтските аспекти на занимавањето со нешто креативно соочени со големи животни промени. Тагата и физичките тегоби кои ги доживува Џулија ги преточува во кокошка во вино, палачинки Сузет или „фоа гра“. 

Паралелно со нејзината лична приказна, сведочиме развој на нов телевизиски жанр кој денес го познаваме како „реално готвачко шоу“. Најпрвин никој не верува во неговиот успех, па Џулија мора да го финансира самата, тајно од сопругот. На сетот често се случуваат куршлуси, затоа што постоечките камери не се прилагодени за снимање на храна од блиску. Под пултот а понекогаш и во самиот фрижидер има асистенти што ѝ ги поддаваат потребните продукти. Го следиме снимањето само на првата сезона, на нешто што потоа ќе се емитува цели десет години, од 1963-1973. 

Едно од важните прашања од денешна перспектива, кое ја мачи и самата Чајлд, е дали е таа „добра“ или „лоша“ феминистка. Откако тогашните перјаници на женското ослободување ја обвинуваат дека уште повеќе ги врзува жените за шпоретот, таа не може да престане да чита таква литература и да се сомнева во својот пристап. Серијата поставува и други социјални прашања, на пример расни (асистентката на режија што ја дава идејата за емисиите е црна и секогаш маргинализирана) и економски (кој може да си дозволи скапа француска храна?). Ѕиркаме и во престижното издаваштво од шеесетите, во кое готвачот на Џулија се смета за литература од понизок вид споредено со еден Џон Апдајк.

Еден збор кој најчесто се среќава за опис на серијата е „утешна“, како во comfort food (храна што теши). Сепак, Џулија длабоко во себе е далеку од спокојна и утешена. Таа низ готвењето се обидува да го најде својот мир, којшто го барала уште долго по завршувањето на овие осум епизоди од нејзиниот 91 години долг живот.

Илина, Букбокс

6 мај 2022 - 08:49