Букбокс гледаше: „Вавилон Берлин“ (серија, 2020)

Вообичаено кога историски се зборува за Германија фокусот е на нацизмот и Втората светска војна. Но што им претходело на овие настани? Разврат, берзански манипулации, политички расколи, мафија. Вајмарската република никогаш не ни била поживописно опишана, до толку што можете да ја помирисате и да се почувствувате дека сте биле таму, меѓу танчарките, болшевиците и национал-социјалистите.

Германија, 1920-тите. Гереон Рат, најдобриот полицаец во Келн е испратен во берлинската „морална полиција“, на тајна задача, да пронајде човек кој поседува порнографски снимки од германските политичари и други моќници и ги користи за да ги уценува. Но она што во првите епизоди е неговиот главен предизвик не е ништо во споредба со она што го очекува до крајот на серијата - неговиот пост-трауматски синдром од учеството во Првата светска војна, комбиниран со криминалната мрежа на големиот град и економскиот очај на неговите жители, станува совршена сцена на која дефилираат живописни ликови, заглавени во историски момент за кој и самите не знаат дека е вовед во нешто уште полошо од она од коешто само што излегле. 

Рат е ситен, полицајски воздржан, навидум наивен и на почетокот мета на поискусните локалци. Неговото расудување е дополнително нарушено поради комплицирана љубовна ситуација, со сопругата на неговиот во војната исчезнат брат, но и поради симпатиите кон единствената колешка во којашто може да верува - полициската дактилографка Шарлот Ритер, која има жестока амбиција да стане првата жена-детектив во градот. Таа води двоен живот, МВР-овка од понеделник до петок, а сексуална работничка и танчарка после полноќ и за викендите. Но нејзината интелигенција и доброто познавање на скриените ќошиња на Берлин ја прават негов идеален партнер. 

Има тука и пребогати Ерменци - сопственици на ресторани и разни други матни бизниси. Филмаџии кои сакаат да се качат на возот на тогаш новата технологија на звучниот филм. Вистински воз, преполн со отровен гас и еден таен вагон со злато. Новинари кои за опозициски весници се обидуваат да ја откријат вистината за воениот пуч кој се подготвува. Заљубена слугинка која е изманипулирана да изврши атентат. Деца привлечени кон нацистичката униформа затоа што така им е дозволено да одат на ловечки екскурзии и да носат оружје. Сето ова, и многу повеќе, во продукција која чинела над 40 милиони евра, ко-креирана од Том Тиквер (Run Lola Run, Cloud Atlas), a базирана на серијата книги за детективот Гереон Рат на Волкер Кучер во осум книги, кој соработувал и на сценариото. Костимите, реквизитите, боите и звуците, овозможуваат втопување во атмосферата на времето, надополнети со прекрасната музика - оригинална и специјално компонирана - изведувана во кабаретска атмосфера на 1920-тите, но и искористена и за доловување на внатрешните состојби на ликовите на начин кој за миг ја претвора серијата во мјузикл. На сцената на легендарниот клуб Мока Ефти (разрушен за време на Втората светска војна, рекреиран како филмски сет), во една епизода се појавува и Брајан Фери, кој соработувал на саундтракот! За потребите на серијата е формиран и оркестар од 14 музичари, кој подоцна настапувал на турнеи по барање на гледачите.

Историскиот контекст е внимателно проучен, и барем минимално познавање на околностите е дополнителна предност. Нацистите се само мала политичка група која се бори за моќ во густа конкуренција на екстремисти од секакви бои, а нивните кафени кошули се појавуваат дури при крајот, без најава дека е можно да станат главни играчи. Затоа што во светот на „Вавилон Берлин“ сè е можно. Дури и една поинаква историја на светот. 

Еден од хитовите на серијата (кој во неа трае цели 11 минути), комбинација на Марлен Дитрих и Крафтверк:

И уште една, понежна:

Илина, Букбокс

23 март 2022 - 09:24