Букбокс гледаше „Токио вајс“ (серија, ХБО, 2022)

Адаптирана врз основа на мемоар од 2009 под истиот наслов, оваа криминалистичка драма (засега само со прва сезона) е базирана на вистинска приказна за американски новинар кој по стек на околности станува единствениот странец кој пишува за јапонски дневен весник.

Токио во 1990-тите. Млад Американец, Џек Аделстин (го игра Ансел Елгрот од „Бејби драјвер“ и „Приказна од западната страна“), по студии по јапонска книжевност аплицира за работа во најпознатиот дневен весник во Јапонија, Јомиури Шимбун (во серијата наречен Меичо). Тестирањето изгледа како за влез на престижен факултет - со голем број кандидати, стоперка и куп хартии. Но Џек успева да помине и да ја добие позицијата, и покрај генералната недоверба во тоа дека „гајџин“ (странец), па макар и со одлично познавање на јапонскиот, би можел да излезе на крај со секојдневната јапонска реалност, која не е баш толку „црешоворозова“ како што често стереотипно се портретира на Запад.

Серијата која засега има само осум епизоди, е всушност базирана на вистинската животна приказна на Аделстин, кој ја има документирано во својата книга од 2009 „Пороците на Токио: американски крими-репортер во Јапонија“. 

Аделстин е роден 1969 и растел на фарма во Мисури. Кога наполнил 19 завршил курс по јапонски на матичниот универзитет, но потоа се преселил во Јапонија и студирал на Универзитетот Софија, најстарата католичка високообразовна институција во оваа земја. Делот со минувањето на тешкиот тест за влез во весникот е вистинит, а вистина е и дека набргу по вработувањето тој се зафаќа со неверојатно ризичната работа (и за домашен, а и за странец), да истражува мафијашки бос по име Гото Тадамаса (во серијата Шинзо Тозава). Во ова му помага искусен и некорумпиран полицаец (го игра Кен Ватанабе номиниран за Оскар за „Последниот самурај“), иако тој често не ги одобрувал методите на својот штитеник. 

„Спиев со информатори. Вршев тешки преговори кои се веројатно рамни на уцена. Копав по канти за отпадоци по потрага по податоци. Подготвен сум да добијам информации од подземјето или од други сомнителни извори ако тие се добри“, изјавил Аделстин на оваа тема. 

Локалниот весник сепак не бил подготвен да ги објави сториите, па тој го напуштил весникот и продолжил да работи фриленс. Во 2008 во Вашингтон пост излегува негова статија, резултат на долгогодишното истражувачко новинарство, под наслов „Мафијата е голема во Јапонија“. Текстот почнува вака: „Ги минав последниве 15 години на мрачната страна од изгрејсонцето. До пред три години бев крими-репортер за Јомиури Шимбун и покривав голем опсег ликови кои вклучуваа сериски убијци кои се претставуваа како одгледувачи на миленици, дилери со детска порнографија кои киднапираа гимназијалки и со јапонскиот Џон Готи“.

Од тогаш има напишано неколку книги на темата, а често одржува јавни говори на кои потенцира дека преку својата новинарска работа научил многу не само за занаетот, туку и некои повисоки вистини, на пример онаа дека „човек без непријатели воопшто не е човек“.

За да се подготви за улогата, Ансел морал забрзано да научи јапонски (иако голем дел од дијалозите се на англиски), но и да навлезе во начинот на кој известуваат новинарите од црната хроника. Јазикот е толку тежок што тој барем на почетокот ги кажувал речениците само фонетски, како бесмислена рецитација, но со текот на времето го усовршил изговорот и дикцијата. Во серијата освен него има уште само еден американски лик - Саманта, некогашна мормонска мисионерка чиј сон е да отвори свој клуб наместо да биде хостеса за богати бизнисмени за локален газда. Нејзината е женската страна на приказната за опстанок во средина која е далеку од толерантна кон самостојни и своеглави жени. И таа и нејзините колешки се вплеткани во мрежата на мафијата, во која лесно се влегува а многу тешко се излегува на две нозе. Со нетрпение ја очекуваме втората сезона.

Илина, Букбокс

20 јануари 2023 - 10:46