Фаворитите за Нобел за книжевност 2014

Во четврток ќе биде објавен овогодинешниот добитник на престижната награда. Меѓу фаворитите и овој пат е Мураками, но има и нови имиња.

Во обложувалницата Ladbrokes, на чиј список неколку дена пред соопштението често на прво место избива вистинскиот победник, и оваа година води Мураками, но многу блиску до него е кенијскиот писател Гуги ва Тијонг'о (Ngũgĩ wa Thiong'o). Вториов е интересен заради неговиот политички ангажман, и фактот дека откако на почетокот на писателската кариера пишувал на англиски, потоа почнал да го користи исклучиво јазикот кикују, кој го зборува истоимениот народ во Кенија. Тој во 1977 во родната земја започнал серија театарски претстави чија цел била ангажирање на публиката во претставите и одделување на оваа уметност од „генералниот буржујски образован систем". Но иако тие доживеале огромен успех, ваквиот негов ангажман бил толкуван како политички и револуционерен, па бил затворен од тогашниот режим. Преку Амнести Интернешнл е ослободен од затвор и префрлен во САД, каде предавал на Јеил и на Њујоршкиот универзитет.

Во февруари оваа година Академијата добила 210 номинации, кои согласно процедурата во мај се сведуваат на пет фаворити. Според обложувалницата шанси имаат и Светлана Алексиевич, белоруската новинарка и писателка, сиријскиот поет Адонис, францускиот романсиер Патрик Модиано, Американецот Филип Рот, норвешкиот драмски писател Џон Фосе и Австриецот Питер Хандке, кој неодамна ја доби престижната меѓународна награда Ибзен.

Академијата обично го информира добитникот половина час пред официјалното соопштение. Сепак, лани Алис Манро слушнала за наградата од ќерка ѝ, а во 2007 Дорис Лесинг била дочекана од новинарите додека излегувала од лондонско такси. Можеби е случајно, но оваа година Мураками како да го билда расположението и самиот, на пример со тоа што деновиве објави нов расказ под наслов „Шехерезада" во Њујоркер. Спојлер: се работи за човек кој е затворен во куќа која не смее да ја напушти, а два пати неделно го посетува жена која му носи храна, му ги задоволува сексуалните потреби и - му раскажува по една приказна. Не звучи како лоша верзија на домашен притвор на еден писател, кого повремено го посетува неговата муза.

7 октомври 2014 - 13:50