Експериментот со фарбање на затворските ќелии во розово

Пред неколку години во затворите во Европа и Северна Америка започнал необичен тренд - затворските ќелии почнале да се фарбаат во розово. Ова станало толку вообичаено што во 2014 еден од пет затвори и полициски станици во Швајцарија имале најмалку една ќелија во „фламинго“ розе. Зошто?

Во 1970-тите истражувач по име Александар Шаус убедил една морнаричка поправна установа во Сиетл да му помогне да ги согледа ефектите кои може да ги има бојата врз чувствата на затворениците. Посебно се фокусирал на розовата, која според него би требало да има најпозитивно влијание врз статусот на ендокриниот систем на оној кој е изложен на оваа боја, да поттикне хормони кои ќе ја смират агресијата и нервозата.

Ова најпрвин го согледал експериментирајќи врз самиот себе, а розовата нијанса која според него била најсоодветно ја нарекол P-618. Според него гледањето дури и во мала картичка во оваа боја, особено по интензивно вежбање, имало ефект на намалување на пулсот и брзината на дишењето во споредба со други бои. Откако властите се согласиле експериментот да продолжи во затворот во Сиетл, бојата станала позната како „Бејкер-Милер“, какво што е денес и нејзиното официјално име, добиено според тогашните директори на спомнатата институција. 

По некое време било соопштено дека откако одреден број ќелии биле офарбани розово, стапките на насилно однесување се намалиле, а само петнаесет минути биле доволни за затвореникот да се потсмири. Оттаму бојата го добила и неофицијалното име „Кул-даун пинк“.

И сето ова звучело прекрасно, но истражувачите кои подоцна се обиделе да ја реплицираат студијата со посистематска контрола на условите во кои таа се одвива не нашле докази дека розовата ја намалува агресивноста. Една таква студија се одвивала во затвор во Швајцарија и вклучила 59 машки затвореници, а покажала дека не постои разлика помеѓу бели и розови затворски ќелии кога е во прашање нивната агресивност.

Сепак, фактот дека многумина поверувале во смирувачкиот ефект на Бејкер-Милер не е без основа, со оглед на влијанието кое може да го има бојата врз нашето однесување и мислење. Всушност, истиот експеримент бил користен во обратна насока, кога розовата била користена за деморализирање. На фудбалскиот стадион на Универзитетот во Ајова, на пример, гостинската гардероба била офарбана розово за да се влијае врз компетитивниот дух на опонентот. 

15 јули 2022 - 09:55