Дебата во која победникот си го спасува животот

Се вика „Чамец за спасување“ и е годишен настан организиран од Филозофскиот клуб при Универзитетот Монтевало во Алабама. Интересен мисловен експеримент кој низ годините покажува каков е ставот барем на студентите и вработените околу тоа кои животни вештини и знаења се најпотребни во кризни времиња.

Една од академските традиции на Универзитетот Монтевало во Алабама е одржувањето дебата под име „Чамец за спасување“. Прв пат била организирана во зимскиот семестар 1998, и од тогаш се случува секој втор четврток во октомври во текот на одбележувањето на деновите на неговите основачи. 

При дебатата од присутните се бара да замислат дека се преживеани од нуклеарна војна и одговорни одново да го изградат општеството. Група професори се натпреваруваат да jа добијат наградата - Веслото - и единственото преостанато место во чамецот за спасување. Ова го прават со тоа што секој од нив треба да објасни зошто неговата или нејзината дисциплина е онаа која е неопходна за воспоставување и одржување на една цивилизација. 

Секој професор има право на воведно излагање, а потоа на реплики од страна на останатите. На крајот на дебатата, публиката гласа и победникот се качува на чамецот мафтајќи со веслото. Следната година шампионот кој ја брани титулата треба да се соочи со пет нови конкуренти во нова дебата. Но досега никој не го добил Веслото два пати едно по друго. 

Првиот настан се одржал пред публика од околу 200 луѓе, а победник бил професор од одделението за математика, кој oблечен во маскирна униформа, сликовито ја објаснил нејзината корисност и убавина и ветил дека, доколку биде спасен, „веќе никој од чамецот нема да мора да решава математички проблеми“ (бидејќи тој ќе биде одговорен за оваа задача). Можеби токму затоа и победил.

Но во последниве години на овие дебати сепак се случува нешто необично - професорите сè повеќе се претвораат во забавувачи, обидувајќи се нивниот настап да не содржи толку аргументи во корист на нивната дисциплина, колку да биде атрактивен и комичен. На последната дебата овој октомври деканот на катедрата за бизнис и економија на сцената пристигнал качен на Харли Дејвисон, ја соблекол кожната јакна и почнал да им зборува на присутните преправајќи го гласот како Елвис Присли. Следело пеење на We Will Rock You oд Квин под негово диригентство. Професор по педагогија го почнал настапот во официјална тога, но потоа ја соблекол за под неа да се покаже костум на суперхерој - Капетан Образование. Историчарка на уметност се залагала за тоа дека на постапокалиптичниот свет ќе му треба некој од нејзин ков затоа што без тоа тој не би содржел слики (?). 

Една од стандардните улоги на овие дебати е онаа на „Адвокат на ѓаволот“ кој ги убедува присутните да не гласаат за никого. До сега победил само еднаш. Во 2007 него го застапувал извесен професор по англиски по име Џон Смит. Кога бил повикан на сцената, тој ги фрлил своите претходно скицирани белешки и почнал мирно но луто да зборува за „циркусот“ во кој се претвора секој обид за аргументирана расправа. 

„Тука има многу умни луѓе. Но тие изведуваа бесни глисти само за да ве насмеат. Сите ние, сериозни професори, можеме да западнеме во таква стапица. Сакаме да бидеме смешни. Сакаме да бидеме забавни. Сметаме дека ако се смеете, тоа значи дека ве подучуваме. Но ова не е секогаш така.“

Залагајќи се за вистински интелектуален предизвик на местото на хехе-нца, тој ги повикал студентите да не гласаат за никого. Не затоа што никој тоа не го заслужил, туку за да покажат дека сакаат да бидат третирани како возрасни а не како деца што можат да се залажат со лижавче. Дека лигави емоционални подметнувања не се замена за вистински аргументи и дека стандардот на расправа треба да се поткрене, макар и по цена некој притоа да се почувствува непријатно. 

Од тогаш дебатата велат станала посуштинска, но истовремено знаела да биде шармантна и смешна. Една година професор по историја се повикал на тоа дека по глобални катастрофи една од личностите која ќе ја преживее (значи еден од публиката) станува диктатор. И дека тој, како историчар, би бил идеален советник на диктаторот, убедувајќи го да покаже милост кон останатите. Не знаеме дали победил, но муабетот му држи вода.  

13 декември 2022 - 17:50