Дали казината можат да бидат уметнички галерии?

Со надеж дека ќе ја зголемат својата публика, коцкарските сали се обидуваат да привлечат нови посетители со стари ремек-дела. Создавајќи префинета атмосфера тие сакаат да го разбијат стереотипот на коцкарниците како фокусирани само на едно нешто - трошење пари.

Ако гостите на познатото Хард Рок казино во Атлантик сити се качат на вториот кат, веднаш над масите за коцкање и автоматите, тие ќе наидат на речиси 3000 квадратни метри полни со бои, проектирани на ѕидовите и подот на големата сала.

Ова е всушност уметничка галерија во која во моментов се одвива изложба под наслов „Повеќе од Ван Гог: втопувачко искуство“. Патувачката изложба, која овој месец започна од Атлантик сити, се очекува да привлече околу 100.000 посетители, и да гостува во уште едно казино, во Њу Џерси. 

Целта е овие градови да се промовираат како „повеќе од коцкарска дестинација“. И ова не е стратегија само на казина како Хард Рок, туку и на такви во Лас Вегас или во Лондон. Како дел од реновацијата од 620 милиони долари, славното казино Палмс во Лас Вегас, отвори изложба на современа и улична уметност во 2018, со повеќе од 100 дела меѓу кои и такви на Ворхол или Жан-Мишел Баскијат. Од таму објавија дека во својот ресторан ќе закачат прво постојано дело на Банкси.

Директорите на овие казина велат дека сè повеќе нивни гости доаѓаат за да бидат и визуелно импресионирани, но и да се здобијат со нови искуства кои не се поврзани само со игрите на среќа. Со ова полека се менува досегашниот вообичаен дизајн со ниски плафони и лавиринтска поставеност, со централна локација на автоматите, што сè заедно прави откако еднаш ќе се влезе во казиното тоа тешко да се напушти.

Сега казината се придвижуваат кон обратна филозофија, која понекогаш се нарекува „дизајн на игралиште“. Идејата е гостите да се обиколат со екстраваганција и луксуз, бидејќи во една таква атмосфера тие поверојатно ќе потрошат пари и ќе преземат ризици, отколку кога се чувствуваат како во стапица. Еден од чекорите во оваа насока е тие да се постават среде славни уметнички дела, без оглед дали се работи за оригинали или не. Казината се надеваат дека од љубители на уметност можат да направат коцкари (а и обратно).

14 јули 2022 - 18:35