Букбокс читанка

„УБАВАТА ИГРА: ФУДБАЛОТ ПРЕКУ ОЧИТЕ НА НАЈДОБРИТЕ СВЕТСКИ ИГРАЧИ“ од Том Ват

Да се разбереме – за фудбал не знам речиси ништо. Првенството го следам само по кафани и на гости, свртена кон оние што гледаат во телевизор. Дома во осум гласно пуштаме МТВ, за комшиите да мислат дека до нив живеат нормални луѓе.

Па сепак тоа што Роналдо од Роналдињо ги разликувам само по тоа што знам дека еден од нив беше поубав, не ме спречува на фудбалот да гледам како на значаен културен, економски, класен, расен и полов феномен. Особено е интересен последниов: за време на еден од натпреварите поминав од детско игралиште во Лептокарија. Иако „популацијата" на ваквите јавни простори обично вклучува по некој млад татко или дедо, овој пат на игралиштето имаше само куп жени. Нивните сопрузи, возрасни синови и љубовници ги имаа окупирано околните кафани, виртуелно присутни на едно поинакво игралиште, некаде во Јужна Африка. Можеби затоа од кај нив идеше студено, додека нам ни беше жешко.

Литературата посветена на горенаведените аспекти на фудбалот не е богата, но е интересна. На прва топка (хи, хи) помисливме на неодамна излезената „Фудбал и филозофија", но да ја анализираме врската меѓу Ниче и Арсенал, или Кант и Маракана за време на светското ни изгледаше рамно на организирање поетско читање среде нечија ергенска журка. Затоа, нешто по 'лајт': „Убавата игра: фудбалот преку очите на најдобрите светски играчи" содржи 40 интервјуа со најзначајните фудбалски имиња на денешнината, во кои тие зборуваат за нивното детство, семејствата и местата на кои прв пат почнале да ја играат оваа „убава игра", која ги направила херои на новата генерација фудбалски фанови. Клаудио Суарез, Дејвид Џејмс, Џилберто Силва, Марк Шварцер, тоа се неколку од застапените фудбалери кои преку сеќавања и анегдоти зборуваат не за спортските достигнувања на елитата, туку за фудбалот кој се игра на улиците, во парковите и во малите клубови насекаде низ светот. Книгата, која е луксузно издание, во тврд повез, содржи и бројни колор фотографии. Дел од нив, во форма на видео клип, можете да видите тука.

„Фудбалот е убава игра бидејќи им припаѓа на сите нас", вели Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, во предговорот на книгата. Воведот пак е напишан од Дејвид Бекам, кој зборува за неговата работа со УНИЦЕФ, каде оди и дел од приходот од продажбата на оваа книга. Фудбалот е добар начин да се порасне – трчајќи, играјќи во тим, натпреварувајќи се. Животните лекции научени преку спортот се корисни. Дури и, или особено, кога не победува најдобриот.

Една од трогателните животни приказни во книгата е онаа за Лионел Меси, Аргентинецот кој во моментов игра за Барселона. Син на фабрички работник и чистачка, на петгодишна возраст почнал да игра во клуб чиј тренер бил татко му. На единаесет му бил дијагностициран недостаток на хормон за раст. Сиромашните родители не можеле да платат за потребната терапија, но тогашниот директор на Барселона, кој чул за талентот на Меси, се понудил да помогне. Барселона платила за медицинскиот третман, а тој и неговите родители се преселиле во Шпанија. Меси денес е меѓу најдобрите светски фудбалери, а Марадона има изјавено дека го смета за свој наследник.

„Се заљубив во фудбалот исто како што подоцна се заљубував во жени: одеднаш, некритички, не мислејќи на болката која тоа ќе ми го донесе" – вели Ник Хорнби во првата реченица од неговиот роман „Стадионска треска". Една порака до мажите кои деновиве, а особено денес кога поголемиот дел од светот го одбележува Денот на таткото, се премногу зафатени со гледање фудбал за да си поиграат со нивните деца, и да им посветат внимание на нивните жени: има и мажи кои не гледаат фудбал.

Па сега вие видете..

20 јуни 2010 - 00:00