Букбокс читанка

„ФИЛТЕР ЈУГОСЛАВИЈА“ од Константин Петровски

Има еден феномен во врска со југо-носталгијата, која веројатно важи и за секоја друга носталгија која има идеолошко-политички конотации: на луѓето кои ја чувствуваат често им е нелагодно да ја искажат.

Плашејќи се дека ќе бидат обвинети за цела палета ретроградни чувства, од наивност до дефетизам, тие ја кријат во долапите, семејните албуми и подрумите, кои стануваат алтернативни складишта на и онака неофицијалната историја. Затоа што под главниот тек на историјата течат безброј подземни „мали истории", кои немаат директна врска ни со Тито, ни со АВНОЈ, ни со Козара. Тие се „истории" за другарите од маало, првиот бакнеж, крцкањето на лонг-плејките и колачите на нечија баба. За хитовите од Скопскиот и фестивалот Сплит '77, за старите фирми и натписи, како оној во кино Бамби, за кое никој не знае каде заврши: „Иако мало, филмското платно е безгранично". Да, иако „мали", овие истории се бескрајно значајни - преку нив, како на филмска лента, се одмотува клопчето на нашите животи.

И авторот на „Филтер Југославија" - збирка текстови од списанието ЕГО, пишувани од 2004 под псевдонимот Мирко и Славко - има потреба да се огради од идеолошката позадина на неговиот проект: „Најискрено, немав намера да пишувам колумна којашто ќе биде агитпроп на некоја идеологија, најмалку на таква од лева провениенција", се вели на почетокот на книгата. Прогласувајќи се за мемоарист (споменозапишувач, носител на споменица?:), тој го споделува сомнежот на Е. Халет Кар во врска со 'научноста' на историјата. „Минатото не мора да се сака, ниту да се мрази. Tоа треба да се разбере", вели Кар. На оние родени по 1990 колумните во „Филтер Југославија" можеби ќе им помогнат да ја разберат тивката носталгија на нивните постари сограѓани. На оние пак на кои овој празник се уште им значи, макар и со сиот ретрограден багаж, им го честитаме Денот на младоста.

Целата книга можете бесплатно да ја симнете тука

24 мај 2010 - 00:00