Бразилската секта која вели дека е испратена од вонземјани за да го спаси човештвото (што и не е лоша идеја)

Среде корумпираниот и социјално поделен Бразил, сектата Долина на зората, покрај одреден број откачени идеи, нуди колективен живот и отфрлање на капиталистичките вредности. Нејзините членови одбиваат да работат за пари, а исцелителните ритуали се нудат бесплатно, како израз на безусловна љубов. Во земја во која сиромаштијата спречува голем број деца да го комплетираат нивното образование, Долината на зората има свој образовен систем. Дали станува збор за „култ“ или не, на крај можеби и не е толку важно.

Секој 1 мај, како што првите зраци на сонцето се појавуваат над хоризонтот на главниот град на Бразил, членовите на сектата Долина на зората, во облеки кои изгледаат како излезени од бајка на Дизни, почнуваат да изведуваат свои лични напеви, ритуални поттици на космичките сили. 

Тие ги „манипулираат“ космичките енергии за да се исцелат себеси и другите. Се опишуваат како членови на духовно племе кое се нарекува Јагуари, составено од потомци на високо напредни вонземјани испратени од Бог пред околу 32.000 години за да ја обнови човечката еволуција.

1 мај се нарекува „Денот на индоктринаторот“ и привлекува „јагуари“ од целиот свет, како и набљудувачи и новинари. Станува збор за признаена религија во Бразил која има над 700 храмови низ светот и речиси 139.000 регистрирани членови. Тие веруваат дека нивните духовни предци ги имаат инспирирано некои од најголемите достигнувања на човештвото, вклучително и големите пирамиди на древен Египет и цивилизациите на Средна Америка, но во некој момент од необјаснети причини дошло до прекин на нивната мисија. 

Духовното племе било повторно формирано во Бразил во 1964 од жена по име Тетка Неива, чие пророштво е дека светот онаков каков што го знаеме ќе се распадне во следните неколку децении. 

Верувањата на оваа секта се фантастични, но нивните практики сепак имаат смисла. Илјадници Бразилци кои имаат здравствени проблеми, ментални болести или зависности секој месец ја посетуваат Долината на зората за да отстранат негативни духовни влијанија и да канализираат исцелителни моќи. Повеќето од нив имале неуспешни икуства и со западната медицина и со други религии. Оттаму новинар на Би-би-си кој ја посетил заедницата во 2012 ги отфрлил нејзините описи како „култ“, туку ја нарекол „засолниште за загубени души“.

Постои и уште еден елемент кој го прави ова движење привлечно - тоа што тоа нуди попрогресивна, егалитарна верзија на модерноста. Ова е особено битно во Бразил, каде владеат постојани корупциски скандали и сурови социјални нееднаквости. И не само тука, туку и во поголемиот дел од светот 21 век има создадено ниско платени работни места кои не нудат безбедност и институции од кои често профитираат најбогатите и најмоќните.

Долината на зората, наспроти ова, нуди колективен живот и отфрлање на капиталистичките вредности. Тие одбиваат да работат за пари, а исцелителните ритуали се нудат бесплатно, како израз на безусловна љубов. Во земја во која сиромаштијата спречува голем број деца да го комплетираат нивното образование, сектата има свој образовен систем кој почива на трудољубивост, а не на привилегија. Се нудат бесплатни курсеви за личен развој, морално однесување и комуникација со медиуми. Напредувањето се обележува со титули но и со право на носење специична облека, учество во нови ритуали и преземање раководни функции. 

Во оваа смисла, и покрај својата мистична природа, социјалните практики на Долина на зората не се воопшто „откачени“, тие се реакција на длабоки поделби и недостатоци во модерното секуларно општество - дополнето со живописни костими.

извор

18 јули 2023 - 14:33