Зошто се мачиме да се фокусираме кога работиме од дома

Често се случувало да си ја донесеме работата дома - само што за некои од нас, сѐ е дома во пандемијава. А толку многу начини да ни се одвлече вниманието имаме по дома, што некогаш станува невозможно.

Др. Мими Винсберг од здравствената асоцијација Брајтсајд е психијатар и зборува за фокусот што некогаш ни е толку недостижен кога работиме од дома. Вели дека нејасните граници меѓу професионалниот и личниот живот се најголеми причинители за овој недостаток, но истакнува и дека може да се должи на тоа што немаме одредено специјален простор за работа.

Реално гледано, иако работниот ден знае да трае од 8 до 10 часа, фокусот трае околу 5. „Најдобро е да се оптимизираат тие пет часа, со паузи, наместо да се седи пред лаптоп десет часа и ништо вредно да не се заврши,“ вели др. Винсберг.

Паметно е да се проба со список на обврски и приоритети. Кога ќе завршиме со тешка задача, да станеме, да земеме воздух и да се истегнеме. Корисно е и да се открие во кој момент или дел од денот сме најпродуктивни, па ваквите задачи да ги оставиме за тогаш.

„Направете приоритети не само во однос на итност, туку и комплексност. Правете паузи меѓу поголеми напори за да не прегорите. Помага и одредување календарски временски рамки, како за состаноци,“ вели др. Винсберг.

Продуктивноста е на повисоко ниво кога работната околина се менува од време на време. Направете поинаков аранжман на секои три месеци. Дали тоа ќе биде менување на аголот на бирото, или ставање на поинакво растение пред себе, суптилните промени можат да придонесат кон свежината на просторот, без да бараат огромни реновирања на домот.

Тешко е да си скичмен на пред лаптоп во мрачен и хаотичен простор. Природното светло и ергономските елементи тука помагаат.

„Искористете го времето,“ советува др. Винсберг. „Почнете го денот со ритуали што не се поврзани за работа. Искушението е да станете од кревет и веднаш да почнете со работа, но пробајте (откако ќе притиснете „снуз“ пет пати) да отидете на прошетка. Или направете си појадок. Читајте книга. Нешто што ќе ве смири, што го држи стресот на ниско ниво, а очите ќе ги упатува кон позитивните можности што ги нуди денот.“

За да има јасна граница меѓу домашниот и работниот живот - одлогирајте се и нека остане така. Почитувајте ги границите што сте ги поставиле за сите, и така ќе си одговорите и на сопствените стандарди. Др. Винсберг објаснува:

„Имајте рамка за очекувањата. Семејството или цимерите нека бидат свесни за вашиот распоред, за да знаат кога да не ве прекинуваат. Секој ден нека завршува со поинаков ритуал, како прошетка, вежбање, медитација или слично, за да ја означите транзицијата од работа кон дома (иако сте цело време дома).“

16 август 2021 - 11:26