Жената што заработува од живеење во розево

Китен Кеј Сера е како човеколика мастика. Секој аспект од животот - коса, облека, сè што поседува и целиот животен простор (до прибор во кујна и купатило) ѝ е обоен во некоја нијанса на розево. Прави музика, пишува книги, се појавува по емисии и сето тоа поради нејзината страст за најдевојачката боја во спектарот.

„Јас сум ти монохроматик,” кажува Сера на едно интервју за LA Weekly, каде што новинарите ги послужила со Несквик од јагода со розева цевка. „Само одредени луѓе можат да го прават ова – да го живеат животот во една боја. Еден ден би сакала и да поразговарам со другите како мене и да направам документарец за ‘монохроматици’. Нè има повеќе.”

Повеќето луѓе имаат омилена боја. И ќе им ја видиш најчесто на облеката, можда на ѕид во спална, или на маска за телефон. Ама ќе ги видиш и во други бои. Китен Кеј Сера никогаш. Таа дури и зборува како да ќе искашла розеви гумени бомбони секој момент. „Едноставно, ја обожавам бојата. Ме усреќува, а секогаш велам, зошто да не се опкружиш со нешто што те прави среќен и те радува. Имаш еден живот, и треба да го правиш тоа што го сакаш и да се изразуваш како сакаш.”

Сера била пејачка во Тексас, и иако отсекогаш сакала розево, до 1980-та не се одлучила да го живее комплетно животот во таа боја. Тогаш решава да фрли сè што не е розево, или да го исфарба за да стане. Откако се преселила во Калифорнија, за кратко време почнале да ја препознаваат како „розевата дама на Холивуд.”

„Набрзо почнаа да ме викаат по телевизија и филмови,” објаснува таа. „Се шетав по улица и луѓе ми викаа, ‘Еј, имам еден филм каде што ми требаш, или една реклама каде што ќе бидеш одлична!’”

Во една ера каде што луѓето се славни само поради тоа што се славни, и се градат огромни брендови на социјалните мрежи, Сера се снаоѓа колку и најспособниот миленијалец. Има над 17,000 следачи на Инстаграм, а повеќето фанови се девојки кои не штедат на розеви срциња во коментарите. Нејзината страст за розево допира и до алтернативни девојки, хомосексуалци, фанови на поп-култура и што е најважно за нејзината кариера – креативниот дел од заедницата.

„Китен е зрак розева светлина,” вели модната фотографка Елен фон Унверт, која има работено и со Мадона и Џенет Џексон. „Многу е јако што во ова грубо опкружување, таа успева да создаде сопствен свет на фантазија, од кој зрачи позитивност, дарежливост и среќа.”

А модниот свет касни и ја забележува само неодамна. Ја имаше во шпанскиот Харперс Базар, откако претходно за нејзе пишуваа Дејли Мејл и Бизнис Инсајдер. Кога седи во Старбакс со нејзиното розево офарбано куче Мис Кисес, ѝ приоѓаат и ѝ нудат аудиции. Заедно се имаат појавено на The Dog Whisperer, My Crazy Obsession и шоуто на Андерсон Купер. Ја има на реклама за лек за холестерол и тоа, како што кажува, ги плаќа сметките цела година.

Повремени хонорари може и да не се многу, но Сера се снаоѓа. „Немам вообичаена работа, се издржувам со розевоста,” изјавува гордо, додавајќи дека го изнајмува станот за фото-сесии. Парис Хилтон и Руби Роуз на пример, ја имаат искористено сценографијата во која живее. Тоа е стан со една спална, во една обична зграда на булеварот Санта Моника, и е уреден како куќа за Барбики. Го има и на нејзините спотови - "Sex Kitten" и "Whatchamacallits”. Пратечки вокали на првата песна? Бијонсе.

Сера ја познавала Бијонсе како мала, во Тексас. Само ја прашала дали ќе сака да ѝ пее и се согласила, што Сера фино го искористува како промоција и добива многу гледаност на Јутјуб. „Сега песната ја користат за една емисија и тоа плаќа кирија!”

Во последната бизнис идеја на Сера главна улога има нејзиното куче, кое ја шири пораката за индивидуалност, радост и розеви задоволства. Ќе биде книга за деца, „Кутрето што стана розево”, и во приказната, Мис Кисес конечно ќе стане кученцето што отсекогаш сакала да биде, како што кажува Сера.

После успешната кампања на GoFundMe, книгата излезе во Април.

„Животот ми е 50 Нијанси Розево,” намигнува таа. „Бојата едноставно ги усреќува луѓето. Носи позитивност во светот. И зошто да не бидеш фламинго во јато гулаби?”

Тоа од прилика изгледа вака:

Еве ја:

7 септември 2017 - 10:22