„Кој ве плаќа да објавувате вакви работи“ и слични глупи коментари на интернет

Во едно скорешно интервју, хрватскиот писател и сценарист Анте Томиќ ќе каже „Веќе триесет години ја нема земјата во која некогаш бевме заедно, но ние не се одалечивме. Иако националистите нè уверуваа дека сме различни, несродни и дека ќе ни биде подобро без другите јужнословенски народи, ние нешто многу не напредувавме.“ Ова важи и за луѓето што живеат на Фејсбук, и за хрватски Мис7, Андреа Андраси илустрира зошто.

Има една фејк наградна на Фејсбук во која „во соработка со соработниците се подарува прекрасна кујна“ - точно така, во соработка со соработниците. Условот е да напишеш име, презиме, адреса и број на телефон, па ако те изберат, ќе ти се јават. Пред Фејсбук да успее да ја скине на секои неколку дена поради кршење на правилата, објавата уредно собира десетици илјади коментари, а истото се случува и кај објавата во која во соработка со соработниците се подарува „овој прекрасен Мерцедес“.

„Веројатно е лажна игра“ - често може да се види во коментарите - „ама никогаш не можеш да знаеш, повелете сѐ што побаравте“. Некои луѓе поради наградната игра ќе напишат што и да им кажеш - а некогаш и тоа што нема да им кажеш.

Еден од моите подраги примери е еден гивавеј во кој пред неколку години се подаруваа две ланчиња. Правилата беа јасно напишани и доста едноставни - луѓето требаше да напишат која боја ја сакаат, а на крајот на објавата со големи букви беше напишано ***ОПЦИОНАЛНО***. Под ова ***ОПЦИОНАЛНО*** пишуваше дека може да се лајкне, да се сподели, да се тагне пријателка на која би ѝ се поклонило ланчето… сѐ ова може, ама не мора, важно беше само во коментар да се напише бојата. Имаше над 2000 коментари, а повеќето изгледаа вака:

Црвена боја. ***ОПЦИОНАЛНО***

Зелена. ***ОПЦИОНАЛНО***

Златна. ***ОПЦИОНАЛНО***

Интернетот е некогаш најужасното место на светот… Ама некогаш е и најдоброто. Сѐ зависи од тоа како гледаш на луѓето што живеат таму. А кога деновиве сме преплавени со приказни за пописот на населението и „глупите“ реченици, штета би било да не направиме попис и на оние глупи реченици што ги обожаваат жителите на интернетот.

Ќе почнеме со една госпоѓа од Винковци, која веројатно ќе биде единствениот симпатичен пример, ама па жал ми е да не ја внесам во пописот.

Пред неколку години, Фејсбук воведе „логични прашања“ што можеш да ги поставиш ако пишуваш порака на некоја страница. Така, во инбоксот на некој ресторан веднаш ќе ви се појави опција „каде се наоѓате?“, „сакам резервација“ и слични прашања што би требало да ја олеснат комуникацијата. Кога си личност што има Фејсбук страница (не профил), на истото место се појавуваат малку поинтимни прашања, од типот „можете ли да ми кажете нешто повеќе за вас“. Се разбира, тоа може да се исклучи, ама се разбира, сите ги мрзи. Прашањата „кажете ми нешто повеќе за вас“ и „каде се наоѓате“ сум ги добила сигурно сто пати - не, луѓето не ги интересира туку случајно кликаат. Повеќето само ќе напишат „извини, случајно“, некои ќе ги обвинат децата што си играле со телефонот, некои се збунети и не знаат од каде се створило - ама никој не се збуни како госпоѓата од Винковци.

Откако случајно кликнала на „можете ли да ми кажете нешто повеќе за вас“, помислила дека тоа е порака што ја добила од мене - и ми напишала сѐ што ѝ паднало на памет. Родена во Винковци во 1969, завршила економско школо, мајка е на три деца… Сѐ убаво ми изнакажа, сѐ што всушност не ја ни прашав. Госпоѓата од Винковци е една од моите најдраги луѓе со кои сум се сретнала на интернет - не сум саркастична, стварно ви кажувам. Љубезна, пристојна и малку збунета. Остатокот, за жал е далеку од симпатичен - и сега ќе ви ги покажам моите фаворити.

„И јас родив три деца, па никој не пишува за тоа“
Анкица, 67, под секоја вест за новороденото бебе на некој познат пар. На профилната слика стои во кујна со тепсија домашни кифлички и маица со натпис „да је Анкица бити лако, Анкица би био СВАКО.“ Нема ништо против познатите - и самата е на некој начин позната затоа што еднаш била на телевизија кога нејзината комшика се пријавила на „Мењам жену“, по што целото село го почастила… со кифлички, се разбира.

„Кој е па сега ова?“
Лик што мисли дека луѓето за кои не чул, не смеат да постојат. Најчесто изгледа како да не чул за забар, а „кој е овој“ може да се однесува на кој било - некогаш е театарска глумица што сигурно не постои, затоа што тој во театар не оди, а некогаш е Витни Хјустон. Се разбира дека може да отиде на Гугл и да дознае „кој е ова“, ама „кој е ова“ всушност и не е прашање што бара одговор. „Кој е ова“ е печат што треба да каже дека ОВА не заслужува тој да знае за кого се работи.

„Ме заболе“
Нормални луѓе: Ова не ме занима, ќе се бавам со нешто друго.
Идиоти на интернет: Ова не ме занима, ќе посветам неколку часа дневно за на сите да им кажам колку ич не ме занима.

„Оваа има толку пластика што ќе се стопи на сонце“
Веројатно најлошата „фора на интернет“, воедно и омилена реченица на луѓе што веројатно први би се наредиле за естетска хирургија ако некој им ја понуди бесплатно. Од сабајле се згрозени затоа што жените сѐ почесто изгледаат како да излегле од истиот калап, попладне се згрозени што жените се осудуваат да имаат недостатоци.

„Јас само го кажав моето мислење.“
Кисела госпоѓа, откако „добронамерно“ ќе извреѓа некој што ништо не ја прашал.

„Зошто не пишувате за малите, обични луѓе?“
Личност што никогаш не кликнала и нема да кликне на вест за мали и обични луѓе, ама сака да се прави длабока под статија за селебрити ташни. „Пишете нешто за успесите на младите на натпревари по математика, да можам да не кликнам.“

„Колку гладни деца може да нахрани со тоа ташниче?“
Госпоѓа која мисли дека децата јадат мали ташни. Се заебавам, ама сигурно госпоѓата претпоставува дека некој не може истовремено да има скапа ташна и да им помага на другите. Многу веројатно и госпоѓа што мисли дека не мора да помага, затоа што е доволно да напише дека и другите можат.

„Колку ви плаќаат да објавувате вести за нив?’“
Ова е синдикатот на „упатени“ луѓе, што „знаат“ дека познатите им плаќаат на порталите за да ги објават, а сѐ за да се создаде впечаток дека се релевантни. Тука и таму, некој на госпоѓа Марица ќе проба да ѝ објасни дека порталите објавуваат нешто што најмногу се клика и дека баш таа е најголемиот генератор на кликови, ама Марица не се дава.

„Би била никој и ништо да не е ќерка на Дино Дворник.“
Како што секој од нас би бил никој и ништо да не нѐ направеле татковците? Најчесто доаѓа од тастатура на личност што да е случајно дете на позната личност, барем еднаш дневно би ја користела супермоќта позната како „Знаеш ли ти кој ми е татко?“

„Што е тоа инфлуенсер, нешто со инфлуенца?“
Ретко кој се гордее со фактот дека заостанува со веќе втемелените трендови како луѓето што мислат дека и понатаму е финта да правиш драма околу зборот инфлуенсер. „Инфлу… што? Какво школо имаат завршено?“ Се моли господинот тоа прашање да го постави на ухлебените што се финансираат од даноци - инфлуенсерите работат по учинок, што значи ако го нема - не работат.

„Не ни мислев дека ќе се омажи за пекар или механичар“
Ниеден брак не е совршен, а тоа најдобо го знае рандом интернет госпоѓа која во џебот носи мал печат за неодобрување - и не се плаши да го искористи. Жена која не се омажила за пекар, механичар или ѕидар сосема сигурно се омажила исклучиво за пари, што е дегутантно. Од друга страна, жената што сепак се омажила за пекар, механичар или ѕидар, веројатно не успеала да се снајде, што е тажно. Жена пак, која се омажила за богат пекар, механичар или ѕидар… Ве молам да не ја вознемирувате госпоѓата со чудни комбинации.

„Кој тоа го финансира?“
Реченицата од прва изгледа грдо затоа што личи како луѓето да инсистираат дека жената е спонзоруша, ама само додека не сфатиш како што треба. „Кој ја финансира“ и „кој ја гура“ и „со кој легнала за да ја добие работата“ погрешно се интерпретираат како осуда - луѓето што ги поставуваат овие прашања само сакаат некој да ги упати во вистинскиот правец затоа што тоа го бараат за себе. На останатите такво прашање едноставно не им паѓа на памет.

„Пландемија. Паметном доста.“
Кога ќе му биде доста на непаметниот?

„Колку ти платија да ја промовираш вакцината?“
Ова се луѓе на кои НИКОГАШ нема да им падне на памет дека е малку чудно што на сите им нудат пари, само на нив никој не им се јавува по тоа прашање. Да им се јават, ќе ги земат парите.

„Фејсбук како Гугл“
И за крај, најголемиот дијамант на пописот на интернет реченици - тетинот што малку погрешно разбрал.

Бог да Ве благослови, тетин.

-Андреа Андраси, Мис7

20 септември 2021 - 11:40