Кога ти е работа да дизајнираш за Барби

Гардеробата на Барби се проширува со шарени и современи парчиња со децении - а многу од највпечатливите комбинации што и ги облекуваа на куклата постојат благодарение на една жена - Керол Спенсер, најдолго ангажирана модна креаторка на Барби.

Во текот на нејзината 35-годишна кариера во Мател, Спенсер дизајнирала илјадници комбинации - многу од нив ги има изложено во нејзиниот дом во Лос Анџелес. „Не знам веќе колку имам,” вели таа за Пипл, „но знам дека се многу.” Има 86 години.

Во чест на 60-годишнината на Барби, Спенсер го опишува времето поминато со гигантот за играчки во нејзината нова книга, „Облекувајќи ја Барби” и се отвора за врвовите во нејзината кариера.

Во средно, откако се изнервирала што постојат родови улоги и не гледала инспирација во изборот од пет женски професии (медицинска сестра, учителка, секретарка, продавачка и шивачка), Спенсер решила да се изрази како модна креаторка. „Штедев за да купам материјали и почнав сама да си ја правам облеката,” пишува во книгата.

Работела во различни модни куќи по матурирањето и конечно добила тезга во Мател, четири години откако се појавила Барби. Оттогаш ги има креирано најјаките комбинации на Барби, како на пример Crisp ‘N Cool комплетот инспириран од Џеки Кенеди - кој ѝ е прв официјален дизајн, во 1963-та.

Во ’70-тите, на куклата и нејзиниот дечко им прави холивудски мејковер, со Суперстар Кен и Барби, инспирирани од Роберт Редфорд и Фара Фосет:

Во ’80-ти, токму Спенсер е мастермајндот зад Great Shape Barbie и синиот комплет за вежбање. Ваква беше Барби во Toy Story и тоа многу ѝ се допаднало на Спенсер.

Во текот на кариерата, Спенсер сакала да биде сигурна дека е во тек со она што се случува во модата и во светот околу нејзе.

„Кога ми требаше инспирација, можев да отидам до Беверли Хилс, да гледам излози, да шетам низ продавници и да гледам како се луѓето облечени. Наоѓав инспирација и за себе.”

По 35 години, се пензионира во 1998-ма. Деветнаесет години подоцна ја добива престижната награда за Жени во индустријата со играчки.

Начинот на работа имал и своја цена: кога отишла да земе возачка дозвола, не можеле да ѝ земат отпечатоци од прсти: „Ги немам сите свиоци на врвовите на прстите од толку години работа. Имам и болки и зглобовите ми се големи - но таков е животот.”

А бил живот во кој темелно уживала. „Многу си ја сакав работата. Го обожавав тоа што го работев. Ми беше дома. Кога бевме мали, копавме по кал за ‘да излеземе во Кина’. А Барби ме однесе и во Кина и насекаде низ светот. Ми го промени животот.”

9 април 2019 - 00:00