Дали сте во врскофлерт?

Зборовно порно

Oткако пишувавме за злоупотребата на зборот „порно" како опис на различни возбудливи човечки активности кои немаат директна врска со секс (од градинарство до храна), почнаа да ни пристигнуваат голем број други примери. Фосилно порно (не е тоа што мислите), гробно порно (исто така), фрактал порно...И меѓу нив - зборовно порно. 

Блогот Wordporn содржи интересни примери на опскурни зборови кои се тешки за превод. А таквите како што веќе знаете ни се опсесија. Еве некои од нив, за кои прв пат слушнавме:

lachesism (лахесизам)
желбата да се доживее катастрофа - да се преживее пад на авион, да се загуби сè во пожар - што иронично би направило да се чувствувате поживи и поприсутни, и би додало тежина и острина на правата линија која едвај го покрива јазот помеѓу двата краја на вашиот живот.

Лахезис во грчката митологија била една од трите мојри или судбини. Таа ја мерела должината на животот со нејзиното јаже, и ја одредувала судбината на човекот согласно ваквата мерка. Се појавувала со нејзините две сестри три дена по раѓањето на бебето, како наречница. Истовремено е и име на огромна и многу отровна змија која живее на западната хемисфера.

kintsugi, kintsukuroi (јапонски)
Јапонска вештина на поправање скршена или напукната керамика со лак кој содржи злато, сребро или платина во прав. Ја отсликува филозофијата на тоа дека поправањето на одреден предмет (зошто не и човечки однос) треба да стане дел од историјата на тој предмет, да се познава, а не да биде нешто што се крие. Оттаму, таа е блиска со ваби-саби, прифаќањето на некаква маана или несовршеност како висока естетска вредност. Преносно, ова е прифаќање на болеста, непостојаноста и смртта како дел од животот.

Forelsket (предљубов, норвешки)
Еуфоријата која ја доживувате (ако некогаш сте ја доживеале) на почетокот од заљубувањето. Буквално „пред-љубов" или „над-љубов". Која за среќа не трае долго, инаку би била страшно заморна.

Flirtationship (врскофлерт)
Повеќе од пријателство, помалку од врска. Што сè нема по светов...

Clinomania (клиноманија)
Не е манија за чистење, туку обратно, за нестанување од кревет. „Клино" на старогрчки е навалување, закривување. Од таму и вашата инклинација да си полежите уште малку, и така цел ден. Инклинација со инклинација се избива, па пробајте со истата поза ама на фотеља.

binge-think (мислечки лумперај)
Опсесивно мислење на нешто во краток временски период. Па после на друго, исто толку опсесивно, и исто толку кратко. Како златна рипка на стероиди.

sapiosexual (сапиосексуален)
Човек кој се пали на интелигенцијата на другите. Под услов да има такви интелигентни наоколу.

9 мај 2014 - 09:45