Заменети улоги

Краток расказ за ризикот од тоа да победи другата страна. 

Еден ден во годината улогите се менуваа. Заради забава, но и заради поука. За да се види како изгледа светот во очите на другиот. За да се развие емпатија и солидарност. И за нешто да се научи.

Гробарот ја поттикнуваше родилката да бутка - „Ајде мајко, уште малку, главчето само што не излегло!", со насмевка, иако благо стискајќи ја устата кога ќе се сетеше на дупката во која тоа сега мало и нејако тело некогаш ќе заврши, во рацете пречека здраво, машко дете, 51 сантим во должина и речиси 5 килограми тежина. Само на тој ден беше сведок на раѓањето, на радоста на почетокот. Иако јачењето и длабоките воздишки на мајката го потсетуваа на истите звуци кои луѓето ги испуштаа на погребите, особено тогаш кога од раѓањето до смртта патот на погребаниот и не бил толку долг за во тоа да се пронајде барем минимална утеха. 'Го проживеал своето', ќе речеа за некој старец. А како би било да велат 'го изумре своето', за некој кој се раѓа, и тој понатаму да биде ослободен од таа прилично здодевна и мрачна обврска? Но тогаш тој, гробарот, ќе мораше да се пријави како технолошки вишок, и да си ја погребе сопствената идина. Или да отвори приватни гробишта за миленици, со капела во кои би се пуштале пригодни песни за една таква, тажна пригода, на пример песнички во кои се велича верноста на песот и милозвучниот глас на папагалчето, и би се раздавале коски и мешани зрна со сипа за душа. Ќе мора да се смислат и пооригинални комбинации, си мислеше, затоа што и луѓето веќе почнаа да чуваат необични миленици. Што да се каже на пример, на погребот на еден питон? Какви утешни зборови да се упатат на ужалените, или кој цитат да се одбере од било која света книга, за смртта на еден пајак? Не, не, сепак раѓањето е поедноставна работа. Детето излегува, или на сила го вадат. Се јадат мекици. И тоа е тоа.

Проститутката уживаше во сопствениот одраз од излогот на стоковната куќа на главната улица, на која само тој ден имаше право да ги сопира несовесните возачи, елегантно кревајќи го знакот "Стоп" и дувајќи во свирчето, толку меко, речиси нечујно. Движењата во тој миг ѝ беа мешавина на местена сензуалност, која се граничи со вулгарност, карактеристична за повеќето 'комерцијални сексуални работнички' и формализираните потези на службените лица, отсечни и строги, онакви какви што и би морале да бидат за да влеат авторитет, и да отстранат секаква можност за избор. Нејзиното тело со тоа добиваше некаква посебна привлечност и, да беше еден од оние 'обични' денови, тоа секако би ѝ го зголемил прометот. Црвено лакираните нокти, посебно дотерани за оваа прилика, одлично пасуваа со сината униформа, со само една бела дамка на реверот, која наспроти првата асоцијација, беше од јогуртот во кој утрото го мацаше ѓеврекот. Беше строга со прекршителите затоа што веруваше дека треба да се знае што е ред, а таа ете денес беше негов чувар. Со продорен глас им укажуваше на членовите од Законот и потоа им пишуваше казни, додуша на листови од тефтерче со Вини пу и моливче кое оставаше светкави, виолетови траги (во кое инаку ги запишуваше телефоните на клиентите), но психолошкиот ефект беше постигнат, а возачите посрамено и повнимателно продолжуваа понатаму. Таа самозадоволно се насмевнуваше. И повторно го креваше знакот.

„Оставете ги торбите и мобилните на страна и внимателно прочитајте ги прашањата. Имате половина час да го пополните тестот.", со по малку пискав но сепак одлучен глас еден ученик на околу тринаесет години им даваше инструкции на неговите професори. "Ти, во третата клупа! Да, ти, не се прави на удрен! Што е ти е тоа во левиот џеб? Ц ц ц, значи никако да ви дојде умот", строго но сепак татковски ги опоменуваше. Со рацете зад грб одеше помеѓу клупите ѕиркајќи во она што го пишуваа, под око следејќи им го секое движење. Една постара професорка со дебели наочари, какви што ги замислуваме оние од 'старата школа', кои на почетокот од кариерата на немирните им удирала заушки и ги потчукнувала со врбов стап, сега молежливо гледаше во професорот до неа, нервозно врткајќи се на столчето. "Очигледно книга не фатила", помисли ученикот, точно распознавајќи го секој гест на неговите професори - колку повеќе мрдање толку помалку знаење.

Клекнат на колена свештеник се исповедаше на еден од неговите најгрешни верници. „Оче, згрешив, минатата година многу пати помислив на онаа работа. Еднаш, божем посегајќи по Орбит мастики, украдов кондом од трафиката, го навлеков на показалецот, и потоа прстот го бутав во презреано јапонско јаболко, замислувајќи какво е чувството да влезеш во нешто толку мирисно, слузаво и меко како што велат дека е во жена. Прости ми.", трепереше отецот, соочувајќи се со грешникот во секој, па и во најдоблесните од нас. „Простено нека ти е", рече грешникот, чувствувајќи се за миг како авторитет во областа на моралот. Ако рајот навистина постои, тогаш тој мора да личи на оваа сцена. Во пеколот и онака е доцна за прошка.

Некои замени на места сепак не беа дозволени. Високо специјализираните професии се најдоа на списокот на забранети улоги, откако една професорка по филозофија, чија пасија беа медицинските енциклопедии, доживеа тешка траума присуствувајќи на операција на слепо црево, каде од неа беше побарано да го направи првиот рез. Пилотите исто така беа изземени, откако една климактерична жена предизвика катастрофа намерно удирајќи во зградата на љубовницата на нејзиниот сопруг, ул. 254, влез 3, стан 46, од лифтот одма лево, како одмазда за тоа што тој, сопругот, ѝ купил на љубовницата правосмукалка на вода со ХП филтер, а неа, со три мали деца и долговлакнест териер, не.

И писателите беа помилувани, од страв дека ним може да им се случи истото што и на познатиот Нобеловец С.Р., кога лик од неговата последна книга најпрвин го врзал гол за неговата работна маса, вербално злоставувајќи го со најздодевните реплики, и читајќи му ги, со особено навредлив тон, пасусите со бескрајни описи на само едно дрво (по кои писателот беше особено познат во упатените кругови), за на крај да му го направи истото што и авторот му го сторил на неговиот лик - го фотографирал во таа, а и во други деградирачки пози, и потоа фотографиите ги ставил на Фејсбук, зачинувајќи ги со злобни коментари. По ова, токму според планот на ликот, писателот од срам се самоубил, оставајќи ја недовршена автобиографијата со несреќен наслов - „Мојот лик и дело".

Владата планираше овој ден на заменетите улоги да прерасне во традиција. За жал по првиот мандат власта се смени, а опозицијата веќе не сметаше дека тоа е добра идеја.

Штета.

Затоа што само тој ден ти ме сакаше.

Илина Ј. (од збирката „Сонце во тегла“, 2006)

27 април 2014 - 15:49