Заборавен предмет на денот: накит со миризлива сол или оцет во време кога луѓето ретко се бањале

„Винегрет“ е француски прелив за салати. Но има еден предмет наречен „винегр де тоалет“, мало кутивче во различни облици кој содржел оцет ароматизиран со различни супстанци, кои се користеле за да ги покријат непријатните мириси. Зборуваме за време пред стикчиња и дезодоранси, како и пред денешните тушеви.

„Винегретите“ (vinaigre de toilette) биле носени како приврзоци во кои се ставало ароматични соли и оцет. Наместо како денес да се прскаат или премачкуваат пазувите и телото, „логиката“ била обратна - оној што ќе се приближи наместо од мирисот на телото да биде заплиснат од силната арома на оцетот кој ќе го покрие сето останато.

Станува збор за време без модерните канализациски системи, без можност за секојдневно туширање и без стикчиња и дезодоранси. Најстарите винегрети датираат од 15 век, а нивната најрана историја е поврзана со „помандер“-от, мешавина од билки и парфем кој се носел во метален контејнер најчесто околу вратот, во текот на епидемијата на Црната смрт. Помандерите често биле топчести и во форма на портокал, бидејќи се сметало дека токму ова овошје штити од болести.

Сепак, винегретите станале најпопуларни во доцниот 18 век, не само како практично помагало туку и поради нивните естетски квалитети. Изработени од скапоцени метали и декорирани во форма на слончиња, лебеди, пеперутки, ташнички, чевлички и што уште не, тие се полнеле со ароматични супстанци растворени во оцет, односно нанесувани на сунѓерче кое стоело во кутивчето. Некои содржеле и ароматични соли, користени во случај некоја дама да падне во несвест (најверојатно од тесните корсети кои се користеле во тоа време). 

Главното производство на овие предмети, и покрај името кое звучи француски, се одвивало во Бирмигнем, Англија. Иако најпрвин се користеле и од мажи и од жени, наскоро станале главно женски украс. Главно биле од надвор посребрени, со тоа што контејнерот бил изработен од чисто сребро за да се одбегне уништување на внатрешноста поради ароматичните течности. Биле носени во џебот или во мала ташничка, или околу појасот како дел од декоративните железни каивчиња кои се користеле за носење практични предмети (како клучеви). 

Најскапи биле „кастм мејд“ винегретите, кои содржеле изгравирани иницијали или симболи кои асоцирале на конкретната личност. Нивната популарност се намалила околу 1840-тите, кога споменот за нив бил сочуван само во збирките семеен накит или во песните, како оваа од 1892, „Стариот винегрет“ од Едит Ленор Вилис Лин.

“Little gleaming box of silver

Wrought in flowery design;

Drifted down the silent ages

To this humble hand of mine;

From the days of kingly France,

From the days of minuet dance,

From the days of stately graces,

Powdered hair and painted faces;

Bring a shining thread of story

To this all-prosaic hour”

30 јуни 2023 - 09:14