Тарковски потсетува како сите големи цивилизации до сега станале минато

„Јас сум сигурен дека и во моментов уништуваме една цивилизација како резултат на неможноста да ја земеме предвид духовната страна на историскиот процес. Не сакаме да си признаеме дека многу од несреќите што нè снашле како човештво се резултат на тоа што сме станале непростливо, срамно, безнадежно ориентирани кон материјалното“, пишува во затворањето на својата книга „Вајање во времето“, култниот советски режисер Андреј Тарковски.

„Тарковски за мене е најголемиот режисер на сите времиња, тој измисли нов јазик, правичен кон природата на филмот, што го доловува животот како одблесок, како сон“, има кажано славниот шведски режисер Ингмар Бергман, кого покрај Роберт Бресон, Андреј Тарковски единствено го признавал за колега.

Бескомпромисно поетични, филмовите на Тарковски обработуваат низа теми, меѓу кои религија и духовност, научна фантастика, животот на уметникот, политика и војна, човeчкото паметење и страст. Тоа е чисто раскажување, необременето од грижи околу непосреден комерцијален успех. Вкупно има направено седум: Детството на Иван (1962), Андреј Рубљoв (1966), Соларис (1972), Огледалото (1975), Сталкер (1979), Носталгија (1983) и Жртвата (1986). Последните два се снимани во Италија и Шведска, а починал во Париз во 1986-та.

Годината кога починал, освен неговиот последен филм објавена е и неговата книга „Вајање во времето“. Тоа е делумно теорија на филмот, делумно критички осврт на културата, а делумно и запис од неговата животна филозофија. Кои се одлучувачките фактори во кинематографијата, и што од нив произлегува? Какви се нејзините потенцијали, средства, имиџ - не само формално, туку и од духовна перспектива?

„За првпат во историјата на уметноста, во историјата на културата, човекот најде средства да направи снимка од времето. И симултано да најде можност да го репродуцира тоа време на екран, колку што сака, да го повторува и да му се навраќа. Доби матрица од вистинското време. Еднаш видено и снимено, времето сега може да се чува во метални кутии долго време (теоретски засекогаш)“.

Што е суштината на работата на режисерот? Тарковски вели:

„Таа работа може да ја дефинираме како вајање во време. Исто како што еден скулптор зема парче мермер, и, самосвесен за особините на конечното дело, вади се што не треба да биде дел од истото - така и оној што прави филмови - од ’парче време’ создадено од огромен, тврд кластер на живи факти, го отсекува и ништи сето непотребно, оставајќи го само она што е елемент од конечниот филм, она што ќе се покаже како интегрално за кинематографскиот јазик.“

Тарковски за уметноста генерално смета дека е потрага по идеалот.

„Уметноста, како и науката, е начин на асимилација на светот, инструмент за препознавање на патот на човекот кон она што се нарекува ’апсолутна вистина’“, смета тој.

Во нашиот релативизирачки постмодерен свет, неговите зборови тераат на размислување и звучат провокативно. Кон крајот на книгата, тој спомнува дека видел неспорна врска помеѓу цивилизацискиот пад и преокупацијата со материјалното.

„Зошто, кога ќе погледнеме наназад, гледаме пат на човештвото испрекинат со катаклизми и катастрофи? Што им се случило на овие цивилизации? Зoшто им снемало гориво, или желба за живот, или морален компас? Сигурно не поради материјални недостатоци, дури и самата таква претпоставка звучи гротескно. Плус, јас сум сигурен дека и во моментов уништуваме една цивилизација како резултат на неможноста да ја земеме предвид духовната страна на историскиот процес. Не сакаме да си признаеме дека многу од несреќите што нè снашле како човештво се резултат на тоа што сме станале непростливо, срамно, безнадежно ориентирани кон материјалното“, тврди генијот.

Во продолжение видео-спотот од песната „Мали души“, каде на Стринг Форсис им гостува Веле Солунчев, поради стихот „и Рим пред да падне бил арогантен“.

17 ноември 2022 - 16:55