Музеологија на вкусот

Сувомеснати уметнички дела

Божикните пости поминаа, па можеме без грижа на совест да ви го откриеме најновиот музеј отворен во Италија, посветен на - саламите.

Museo della Salumeria (скратено и многу ефектно - MUSA) е посветен на една од работите за кои се вели дека Италијанците ги прават најдобро - мортаделата со ф'стаци, винската салама Бароло, колбасите од тартуфи, шунките Парма и Сан Даниеле..сите деликатеси кои можат да бидат исто толку скапи колку и квалитетен кавијар или шампањ.

Овој модерен храм на италијанскиот вкус се наоѓа во селото Кастелнуово Рањоне, близу Модена, во седиштето на фабриката Вијани, основана во 1886. Тука се произведуваат повеќе од 100 различни видови сувомеснати производи кои се извезуваат во повеќе од 60 земји.

Еве делови од постојаната изложба, која се протега на две илјади квадрати:

Ароми и вкусови - зачини и билки кои се користат при изработката на саламите и колбасите: црн и бел пипер, чили, морско оревче, цимет, смрека.

Историја на конзервирањето месо од древен Рим до денес

Уметноста на сечењето - улогата на „сечачот" на месо на аристократските банкети отсекогаш била престижна. Лошото пресечено парче квалитетно месо се смета за „криминал" помеѓу познавачите, кои препорачуваат употреба на челични ножеви

Други професии- вадач на коски, солач, полнач, чадач..сите тие се ценети занаети, на граница на уметнички

„Кралот прасе"- обожавањето на свињата како свето животно и нејзино славење од страна на поетите и писателите. Като постариот во неговата „За земјоделството" (De Agri Cultura) детално ги опишува процесите на солење, сушење и зачинување на свинското, опишувајќи ги истите оние методи кои се користат и денес. Негово омилено јадење било porcus trojanus - полнето прасе цицалче.

Дел од темите се објаснети во мултимедијални кабини, и низ аранжмани кои делуваат повеќе како мртви природи сочинети од цвеќиња отколку од парчиња сушено месо. За доживувањето да биде целосно на крајот од посетата следи и дегустација.

Еден од принципите на овој производител е - луѓето денес не јадат затоа што се гладни, туку заради задоволство. А токму тоа е основата на уметничкото доживување, кое во случајов и најадува.

7 јануари 2014 - 18:27