„Таа е по плетењето“

Еуфемизми за секс од 19. век

Следејќи ги сопствените заложби за збогатување на јазикот преку измислување нови, но и копање по архаичните зборови макар и не биле наши, еве неколку од „Речникот на вулгаризми" од 19-вековна Англија - книга за Британците од високата класа кои немале поим за што зборуваат „сељаците".

Љубовничко здружување (Amourous congress)

Обратно од „злосторничко здружување", ова е најучтивиот израз на списокот кој означува романтична врска помеѓу двајца. Или повеќе од двајца.

Плетење кошничка (Basket-making)

Иако може да се толкува и како метафора позајмена од плетењето вистински кошници, всушност се работи за техника на плетење детски чорапчиња, односно на делот од петата („кошничката"). Како и да е, има нешто боцкаво, тоа се боде, и со него се прават (работи за) деца. Јасно.

Леб и путер (Bread and butter)

Поентата е дека некој е врз некого: „Тој ја фати 'леб и путер' со комшијата". Уште појасно.

Енергичен потег (Brush)

Како кога со четка правите потез по хартија или по ѕид. Нешто кратко, не многу значајно. „Да, еднаш направивме потег". Добро де, два пати.

Кршење на темелите (Blow the grounsils)

Grounsils се дебели трупци кои се ставаат како темели. Изразот се користи за извесни активности кои се вршат на под. А можеби се мисли на она кога некој ќе те стресе до темел.

Од нога (Take a flyer)

"Flyers" биле чевли, па оттаму значењето е „облечен, или без да одиш до кревет".

Зелена наметка (Green gown)

Да ѝ дадеш на девојка зелена наметка, тоа значи дека треба да ја легнеш на трева. Алтернативно име на позава - еколошка.

Лонец за јастог (Lobster Kettle)

За жена која спие со војници кои доаѓаат на пристаниште се вели дека од себеси прави „лонец за јастози".

Моменти на топење (Melting moments)

Moменти на контакт помеѓу дебел маж и жена, кои љубовно се здружиле.

Св. Ѓорѓи

Во приказната за св. Ѓорги и ламјата, таа (да повториме - ламјата) излегла од езерото и му се качила на св. Ѓорги. Играњето на оваа игра подразбира жената да е горе. Мажот не мора да е светец.

Препирка (Tiff)

Препирката е мала кавга, нешто минливо и без големи последици. Во 19. век се користел и како термин за јадење или пиење помеѓу оброците. Значи - брозопотезна партија. Не мора политичка.

Заклучок: И во 19. век имале путер.

 

ПС. Примерите се од второто издание на речникот од 1811. Првото е од 1785.

6 септември 2012 - 11:50