И не само музички дневник

Девојка од бронза

Марко Погачар, кого го нарекуваат најдобриот млад хрватски поет, и чија поезија неодамна беше објавена на македонски, во Букса пишува за една група со која пораснав, и за песна која како што се трупаат тоните бронза во градов станува сè поактуелна. Баш ме израдува.

Пред дeсет години бев уште поголема будала отколку што сум сега. Веројатно мислев дека знам сè за музиката која ја сакам, па ме пресече кога, влегувајќи во растурениот граѓански стан на улица Клаичева, во кој требаше да спијам за време на приемните испити, од огромните звучници чув сосема непознати звуци кои ме удрија некаде под клучната коска, па потоа закочија, се смирија, и тоа е отприлика таа меланхолична анатомска реакција. На враќање дома добив спржено ЦД (моето прво такво ЦД), на кое пишуваше Мизар, а јас конечно сфатив дека Македонија не се сведува на Адолф Дада и „Зајди, зајди", иако во тој момомент моите најдраги ортодокс-лилјаци токму со изведбата на овој стандард растураа на суботичката „Омладина 87".

Кога конечно се запишав на факултет, се вселив во студентскиот дом и почнав на сметка на државата да читам песни, една од првите кои ме стрефи под истата таа црна коска беше „Мизар", на големиот Решицки (*Делимир Решицки, хрватски поет, исто така наскоро на македонски). Почнува со стихот: Мизар е ѕвезда. Онаа во пустината која ги води заталканите патници (а светот е пустина, сите сме патници, велат глобалнометафоричките низи, сладникаво, но во суштина тешко дека грешат), онаа според која тапанарот на оригиналната постава Панта Џамбазоски го нарекол бендот. Иако Реш експлицитно реферира на едно друго небесно тело на рокенролот, светиот Лукс Интериор од The Cramps - на непроверената вест за неговата смрт - стиховите комотно можат да се применат на овој македонски комбо. Вели Реш: секогаш мислев дека да се сака рокот не значи ништо друго/освен тоа со рацете мокри од океанот и со усната со рани од жива, топла сол/да се загризе голиот кабел на електричната гитара, да не се види никогаш/мизар, да се покаже сопствениот збрчкан к*р на исплашените пирани/на сонетите, на бедрата, сето тоа. Тоа е сè.

А потоа Мизар повторно се собраа, ги гледав 2003., на повратничката турнеја, со другиот Горан, Трајковски. Без оглед на неколку бледи нови композиции го составија клубот со земјата, а јас освен тоа бев тазе заљубен во некои други Модри очи, па уште подобро ја научив лекцијата. Втор пат ги гледав неколку години подоцна, на накарадна невкусна Хелоуин журка, овој пат со оригиналниот Горан, Таневски, и тоа испадна уште поголем дебакл: тажното кркорење го замени моќниот и постојан бас, еднакво славен кај Мизар и многу попознатиот Мирза.

Иако ниту еден од подоцните дискографски обиди не ми легна, а со настапите во живо веќе немам намера да ризикувам, првите два албуми ги минуваат сите тестови на времето; дел се од личната историја. Епонимна, првата југословенска рок плоча на македонски, и понатаму е најдобриот „шишмиш-рок“ снимка на овие простори: најдобро ги има интергрирано шаблонот на класичниот пост-пунк/гот-рок со византиската традиција, автохтоната ритмика, ортодоксното поење и соодветната иконографија, што истото нема да му успее на ниту еден спин-оф бенд од под Мизаровиот мантил за дожд, од Архангел и Анастасија, преку Падот на Византија до Кисмет.

Плочата е полна со хитови - Мизар никогаш не бегаше од стандардните поп-структури и певливите рефрени, но секогаш, можеби токму поради онаа уводна сцена, првата средба со бендот, најмногу ме возеше „Девојка", сјајно впечатливо отварање на албумот. Текст - кој повикува една жива и нежива статуа која, како ангелот на Бенџамин, го вперува погледот во пустошот на светот, да ги остави старите градови да горат во времето, разбуди се, прифаќајќи ги овие пар години за нас како вечност - ја следи суптилно градираната епска мелодија која кулминира во емфатична, адреналинска експлозија на рефренот.

А оној кој после него ќе остане до крај во своите чевли, и барем малку не му се затресе онаа шуплива и глупава коска, не го минува тестот на Решицки - за него и небескиот сјај на Лукс Интериор е обична вселенска маглина, нешто нјуејџ, католичко, нешто што јас не го сфаќам.

автор: Марко Погачар
извор: Букса

30 јуни 2012 - 21:40