Антисемитизмот на авторот на децималната библиотечна класификација (и врската со зимската Олимпијада од 1932)

Обично антисемитизмот го поврзуваме со Втората светска војна, холокаустот и Германија од крајот на 1930-тите. Но примерот на Олимписките игри во Лејк Пласид, САД, во 1932, покажува дека неговите корени се историски подлабоки, и географски пошироки.

Олимписките игри ретко поминуваат без контроверзи: бојкот кон земјите-домаќини, политички изопштувања на други, допинг скандали или лоши одлуки на судиите, сето ова се случувало во текот на модерната историја на игрите и, како што покажуваат и настаните околу вчера отворената Олимпијада во Пекинг, се уште се случува.

И Зимската олимпијада од 1932 не била необична во оваа смисла, но специфичната причина била нова.

Кога се дознало дека Лејк Пласид во државата Њујорк ја победил Калифорнија како организатор на игрите, еден од големите проблеми кои требало да се надминат бил антисемитизмот на регионот на планините Адирондак. Првиот инцидент во овој популарен зимски центар била аферата Хилтон-Селинџмен во 1877, кога сопственикот на хотелот Гранд Јунион не дозволил престој на познато еврејско семејство бидејќи присуството на припадници на овој народ во неговиот хотел претходната сезона наводно наштетил на неговиот бизнис. Бојкотот на хотелот којшто следел довел до негово затворање, но и покрај ризикот и други хотели во истиот регион го следеле неговиот пример. 

Речиси дваесет години подоцна, во 1895, доктор Мелвил Дјуи, креаторот на стандардниот библиотечен систем на децимална класификација, го формирал клубот Лејк Пласид, кој бил истовремено и одморалиште и место за дружење не елитите. Сакајќи да си ја одржи репутацијата, клубот на Дјуи строго примал само не-Евреи уште во раните 1900-ти. 

Ова поттикнало петиција испратена до највисоките регионални власти за отстранување на Дјуи од неговата позиција на директор на Њујоршката државна библиотека во 1905, која ја држел уште од 1888. Властите не го отпуштиле Дјуи, но тој самиот дал отказ. 

До 1930 се знаело дека Лејк Пласид ќе се номинира за организатор на следните зимски игри, а патеката за натпревари во боб санки била лоцирана на земјиште на Лејк Пласид Клуб. Уредник на списанието „Еврејски трибун“ и раководител на Еврејскиот национален совет му пишал на тогашниот гувернер и иден претседател Френклин Рузвелт, протестирајќи што парите на даночните обврзници, што значи и оние на Евреите, ќе се трошат на ваков скап настап, па уште и на земјиште на клуб познат по своите дискриминаторски ставови. 

Знаејќи дека можат да загубат во борбата за организацијата поради овој конфликт, Државниот олимписки комитет ги седнал страните на муабет, по што било пронајдено решение - Лејк Пласид Клуб да стане јавно земјиште.

Ова била мала победа за американската еврејска заедница. Но четири години подоцна, кога дошло ред Олимписките игри од 1936 да се одржат во Германија, нивните повици за бојкот од страна на САД и неиспраќање американски спортисти во Берлин не донеле резултат. 

Во 2019 беше објавено дека највисокото признание кое го доделува Американското здружение на библиотекари, наградата Мелвил Дјуи, ќе го промени името поради антисемитизмот на човекот кој го осмисли библиотечниот систем, којшто и денес го користат библиотеките низ светот.