Fashion Blogging

Кога страста се претвора во бизнис

Генерација '87: плава со плави очи, лице на ангел, доволно фотогенична за да ги засени и поубавите фотомодели, студира на Бокони, блогира, го шета светот, има кученце и дечко од миланската буржоазија. Мажите ја гледаат заради убавината, а жените (освен за да поднаучат нешто за мода) ја гледаaт за да му подзавидат на совршениот живот на совршената плавуша со совршен дечко. Ова е италијанскиот сон во ерата на Берлускони.

Холанѓаните ја имаат Енди Торес, Американците ја имаат Стајл Руки, Швеѓаните ја имаат Каролина, а тука на Апенините ја имаат најбезобразната од сите, Кјара Ферањи.

The blondesalad се раѓа во 2009: на почетокот блогот е забавен, а модата што ја нуди е приземјена и прилично достапна. Нејзината популарност расте непредвидено: набрзо постанува еден од најследените фешн блогови и она што на почетокот е игра на едно каприциозно девојче се претвора во вистинска работа. Ги снемува смшените слики, ја снемува спонтаноста и наивноста и блогот станува забележителен извор на пари. Кјара умешно ја искористува сопствената способност за веб комуникација: ја има на сите мрежи, од фејсбук до твитер, од лукбук и шикисимо до фликр; подла е колку што треба и доволно храбра за да се експонира без пардон.

                        

Не е моден експерт, да се разбереме. Нема ни некаков експертски речник. Англискиот и е како на нашинче во осмо одделение. Со тек на време го менува и модниот концепт: станува ултра модерна, предлага мода која е далечен сон за поголемиот дел од италијанската популација. Еден просечен италијан со месечна плата од 1200 евра може само да мечтае по кондури од Џими Чу, Кристијан Луботен или Прада. И со ташните иста приказна: предлага Баленсијага во петнаесетина различни бои, исто толку Шанел, десетина Живенши, Диор, Прада, Миу Миу, Сан Лоран и на нив слични. Колекцијата и е побројна од мојата за долен веш.

                                        

Во 2010 успева дури да се искачи до таа мера да дизајнира своја линија кондури: Кјара Ферањи, која се продава во најлуксузните продавници од типот на Луизавиарома во Фиренца и 10 Корсо Комо во Милано. А кондурите си се прича за себе: деколте со штикла во форма на коска тотално ископирано од Ив Сан Лоран и Казадеи. Учествува на многу модни ревиии кои подоцна не знае ни да ги искоментира, поканета е на Фестивалот во Венеција (!!), кума е на Кенди бег на Фурла, станува заштитно лице на Јамамај за следите 10 години (Фејсбук страната на Јамамај полуде од негативни коментари заради што се шушкаше дека соработката ќе биде прекината), сорботува со Диор, Хуго Бос и многу други. Постанува маркетинг кукла во која вреди да се инвестира. Денес станува рекламна мета не само за модните куќи туку и за резорти (моментално е гостинка на Пи Пи Ајланд во Тајланд), автомобилски куќи (Мазерати и дава пробна кола за 2 недели), веб портали, е-commerce портали, ресторани и што уште не. 

                                            

Нејзиниот статус во Бел Паезе не е јасно дефиниран: ја обожаваат или ја сметаат за уште една од многуте карикатури на берлусконскиот систем.

Многу умешна или има само многу среќа? Каде лежи успехот на девојчето? На право место во право време, без сомнение. Малку во лепотата, сигурно. Малку во бојата на косата. Малку во на тато парите, малку во нејзината способност и вкус, ароганција и немарност. Малку заради способноста на Рикардо (нејзиниот дечко) да создаде профитабилна рекламна инвестиција.

 

                    

Јас не сум толку ограничена за да не го признаам очигледното: дваесчетири годишно девојче успева да си изгради (многу голем) бизнис од страст и од забава нудејќи и на масата тоа што масата сака да види: монденски живот, раскош, патувања, непристапни бутици и слатка љубовна приказна. Еве повелете. Тражили сте, гледајте. Секоја чест. "Плавата салата" е максимален израз на италијански провинцијализам и сон на едно просечно девојче од периферија. Имам една другарка која за да си купи Баленсијага, не излеле од дома три месеци. Таков е вкусот на ташна од 1000 евра кога ти заработуваш 1000 евра месечно. А како другарка ми има да ги ринеш со лопата. 110 000 дневни кликови на Theblondesalad се само мал залак на медиокритети кои би гладувале за Баленсијага.

Ама желбата да се има, да се има и да се има не е само жабарска појава. Ние на Балканов не сме многу различни: брендирани кондури преку ден и леб и кромид за вечера. Не е важно како ти е дома и дали се уште ти висат гоблени на ѕидот, поважно е како си облечен. Не е важно од каква фамилија доаѓаш, ама важно е како си облечен. Не е битно колку пари имаш во џеб, ама битно е во која кафана седиш.

Затоа Кјара Ферањи е од лик од секаде, лик на наше време во кое "како си облечен" е лична карта.

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

20 март 2012 - 23:15