Како една пукнатина во украинските редови го отвори патот за руската армија

Кога руските војници изненадно се појавија во малото гратче Очеретине на истокот од Украина, беше јасно дека се случила некоја страшна грешка, пишува Њујорк тајмс.

На страна пораките од Кирило Буданов, Тајмс пишува дека украинските војници и команданти од најразлични бригади со кои разговараат изминативе недели потврдуваат дека Украина моментално е најранлива што некогаш била од почетокот на инвазијата во 2022.

Сегашната позиција е последица на повеќемесечното доцнење на американската помош, кое доведе до недостаток на муниција, што пак како резултат имаше растечки број на загинати Украинци.

„Ако немам артилерија нема да имам луѓе, а ако немам опрема моите луѓе нема да можат да се борат... Тоа е,“ објаснува командантот на 59-та моторизирана бригада.

Руското пробивање кај Очеретине, на 15-на километри од Авдивка, е училишен пример за тоа како и најмала пукнатина во одбранбената линија може да има домино ефект, бидејќи и онака разретчените единици на украинската армија ризикуваат да бидат заобиколени и опколени .

Очеретине е главното упориште на украинската армија во тој дел од фронтот по падот на Авдивка во февруари годинава. Армијата речиси два месеца успева да одржи релативно стабилна состојба околу градот.

„И тогаш нешто тргна на лошо.

Русите толку брзо се појавија на разрушените улици во Очеретине што Иван Вивсианик првично помисли дека тоа се украински војници. Дури кога му побараа пасош 88-годишникот сфати дека одбраната на Очеретине доживеа колапс.

'Мислев нашите војници ќе се појават и ќе ги избркаат. Но тоа не се случи,' раскажал Вивсианик откако успеал да го напушти својот дом.

Три седмици подоцна, она што започна како мало руско напредување се претвори во 25 километри квадратни новоосвоени руски територии кои ја комплицираат одбраната на Доњецк,“ пишува Тајмс.

Анализите на весникот покажуваат дека проширувањето на оваа територија на север ќе им овозможи на Русите да заобиколат дел од најсилните украински фортификации на истокот кои ги држат со години. Процената е дека сега Русија може да удри на Константинивка, градот кој е клучна логистичка точка за украинските сили.

На Украинците веќе им е позната руската стратегија за освојување село по село, од која имаат часови и часови видео материјал снимен со дронови. Руската пешадија прво пешки или со крос мотори и четвороцикли се пробива низ минските полиња во обид да избега од украинските дронови. Нападите ги вршат од оклопни колони со различни големини, често пати предводени со тенкови покриени со огромни лимени табли и опремени со опрема за електронско војување како би се спасиле од украинските дронови.

„Ние дозволуваме нивната пешадија да ни се приближи, што создава поблизок контакт и директни престрелки.

Затоа нашите загуби растат,“ објаснува еден од украинските офицери.

Вината за стигнувањето на Русите до Очеретине се уште не е утврдена и е причина за расправа во украинската војска. За едни главни виновници се 115 механизирана бригада која ги напуштила своите критични позиции без да добие наредба за тоа и им дозволила на Русите толку длабоко да пробијат. Од друга страна бригадата гневно го негира ова тврдејќи дека нејзините војници биле надброени со 15 спрема 1 и ги бранеле позициите додека можеле.

„Русите осетија слабост во тој правец и ги искористија дупките за да влезат зад украинските војници.

Тогаш го изгубивме Очеретине, па Новобахмутивка, па Соловјове,“ раскажуваат украински офицери кои го држат тој дел на фронтот заедно со 115-та.

Офицерот објаснува дека украинскиот генерал-штаб не сака да предаде ниту дел од територијата „и многу е комплицирано да се објаснуваш со нив и да им објасниш зошто не е добро да се држи таа позиција.“ Неговите очекувања се дека ситуацијата ќе се подобри по пристигнувањето на западната помош, а до тогаш „ќе продолжиме да умираме, и ќе продолжиме да губиме територии.“

16 мај 2024 - 12:42