Документарец на „Дома“ - едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии, во соработка со DW Europe, за редок вид кој се појавува на лето над селото Плетвар, пеперутката Сивка која игра огромна улога во локалниот еко-систем на опрашувач.
Една од опасностите што им се заканува е што 5 од 7-те локации кои се нејзин дом се претворени во каменоломи за мермер. Но втората опасност е уште поголема, а тоа е трговијата со неа од страна на ловци кои потоа ја продаваат во форма на препариран трофеј, за само 30 евра.
Авторите на филмот ги нарачуваат овие примероци преку интернет и успеваат да ги добијат. Ова се случува и покрај тоа што во 2011, сивката е заштитена со закон во Македонија, со што се забранува нејзиниот лов и продажба. Кој е одговорен за кршењето на законот и како оваа пеперутка од тн. „Црвена листа“ која е необврзувачка за другите држави, да се најде на списокот загрозени видови кои би биле заштитени и во странство, како и онлајн?
Канадската писателка и добитничка на Нобеловата награда Алис Манро, почина на 92-годишна возраст во старечки дом во Онтарио. Таа страдаше од деменција повеќе од една деценија.
Наречена „титан на кратката проза“ и „канадски Чехов“, Манро извршила револуција во архитектурата на кратките раскази. Објавила 14 збирки со кои во 2013 станала првиот добитник на Нобелова за книжевност од Канада.
Последната книга, „Драг животе“, е излезена во 2012, а дел од расказите се автобиографски. Велела дека туѓите, лошо напишани книги, ја инспирирале, знаејќи дека може подобро. Покрај Нобеловата има добиено и Букер, како и канадската награда Гилер, за „Блуз од мешана крв“.
Вчера, 12 мај, беа доделени британските телевизиски награди БАФТА. Најголемо изненадување беше признанието за Тимоти Спал за главна машка улога (за серијата „Шестата заповед“). Во својата категорија тој ги победи Брајан Кокс за „Сксешн“ и Доминик Вест за „Круната“.
„Шестата заповед“ доби БАФТА и како мини-серија. Најдобра драмска серија е „Top Boy“ (Нетфликс), а меѓународна серија „Class Act“ (Нетфликс), во силна конкуренција на „The Bear“, "The Last of Us" и "Succession". Серијата за британското кралско семејство не доби ниту една од наградите за коишто беше номинирана - четири актерски и уште неколку во другите категории.
БАФТА за најдобро реално шоу доби „Сквид гејм: предизвикот“, а за настан во живо минатогодишниот Евровизиски пренос од Ливерпул.