Цивилните жртви на американскиот анти-тероризам

Кон крајот на февруари оваа година, официјалната војска на Буркина Фасо има убиено преку 220 цивили од кои 56 биле деца, во две села на северот на земјата. Знае Африка да биде брутална. Меѓутоа, ова е армија чии офицери се обучувани од американската војска. И згора на сè, даскалите уште се таму, да не им затребаат на учениците дополнителни часови.

Масовните убиства се случуваат кога американската антитерористичка стратегија во западноафриканскиот Сахелов појас очигледно пропаѓа, откако воени офицери обучувани од САД започнаа долга серија државни удари, вклучително и во самата Буркина Фасо. И покрај државните удари и масакрите, САД не ги прекинаа врските со Буркина Фасо, а контингент на американските сили останува во земјата за да помогне на вооружените сили кои ѝ служат на владеачката хунта.

Масакрите на Буркинабе војниците се само најновите масовни убиства од страна на војската на Буркина Фасо во нивните „контра-терористички“ операции во кои страдаат цивили осомничени дека соработуваат со исламистички милитантни.

Западноафриканскиот Сахел некогаш се сметаше за успешна приказна на американската надворешна политика, но во последната деценија насилството постојано се интензивираше како што САД инсистираа на својата антитерористичка стратегија.

Меѓутоа, пучевите на тамошни воени офицери поврзани со САД донесоа со себе неочекувани а сеизмички геополитички промени.

Нигер, на пример, местото на последниот државен удар од страна на офицери обучени од САД во Сахел, ги прекина своите долгогодишни врски со американската војска и им посака добредојде на руски тренери.

Иако воените пучеви се правдаа како реакција на зголемената активност на исламските фундаменталисти, дури после нив вториве добија на сила: Во 2002 и 2003 година, во цела Африка, Стејт департментот регистрирал само 23 жртви од терористички напади. Само лани и само во Буркина Фасо имало 7.762 жртви од нападите на милитантните исламисти. Тоа е скок од речиси 34.000 проценти.

Важно стратегијата не се менува.

18 мај 2024 - 11:40