Белоусов, човекот што треба да ја добие Украина

Изненадната смена на Сергеј Шојгу од страна на Путин у поставувањето на Андреј Белоусов на неговата позиција потсети на веќе подзаборавениот советскиот стил на владеење, пишува Њујорк тајмс.

Весникот објаснува дека Шојгу технички е унапреден со позицијата што ја добива во рускиот совет за безбедност, а и самиот Путин не е склон кон јавно казнување на „лојалните дворјани“.

Аналитичарите што повнимателно го следат Кремљ, како слабости на Шојгу му ја припишуваат хаотичност на руската инвазија на Украина, масовната корупција во воено-индустрискиот комплекс и неговата непопуларност кај генералите.

Оние што се изненадени од именувањето на Белоусов, како цивил чија експертиза е економијата, за министер за одбрана, Тајмс ги потсетува дека и Шојгу е цивил со претходно искуство во градежништво.

„За воените работи се грижи генерал-штабот, министерот за одбрана е одговорен за воено-индустрискиот дел. Размислувањето е дека задачата на Белоусов ќе биде управување со рапидниот раст на руската воена потрошувачка и чистење на корупцијата на која се губат огромни суми пари одвоени за Украина,“ пишува Серџ Шеман во текстот за Тајмс.

За сега не е познато како ќе продолжи кариерата на Шојгу, на чија смена претходеше апсењето на еден од неговите највисоки заменици, Тимур Иванов, чиј прекар беше „паричникот на Шојгу“, а неколку дена по смената и на генералот Јури Кузнетсов. И двајцата се уапсени под одделни обвиненија за примање големо мито.

Слично не е позната и иднината на Николај Патрушев на чие место дојде Шојгу. Патрушев е поранешен функционер на КГБ и еден од најблиските и најстарите пријатели и соработници на Путин. Процената е дека идниот ангажман на Патрушев „ќе каже многу за тоа во која насока се движи Путин.“

Тајмс смета дека со именувањето на Белоусов, Русија неповратно се движи кон воена економија, подготвена да издржи и поддржи долгогодишно војување и дека тоа надополнето со двоумењето на западните сојузници и решителноста на Кина да ја поддржи Русија, никако не оди во корист на Украина.

17 мај 2024 - 14:12